Во септември во Скопје собрани 14.320 тони комунален отпад – најголеми депониите во Чаир


Во текот на месецот септември, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје подигнаа и транспортираа 14 320 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје.

Во истиот период се отстранети и 3040 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини. Најголемо количество отпад од диви депонии -545 кубни метри- е подигнато во општината Чаир.

Во текот на минатиот месец, Еко-патролата на ЈП “Комунална хигиена’-Скопје врачила 24 едукативно-информативни записници на приватни лица и претставници на стопански субјекти што биле затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје преку рачно и машинско метење и миење секојдневно ја одржува и јавната хигиена на скопските булевари и улици, како и плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода” и целокупниот простор на Старата скопска чаршија.