Во Русија кружи петиција за оставка на Путин
Советници од 18 општински области во Москва, Санкт Петербург и Колпино побараа оставка на рускиот претседател Владимир Путин, според петицијата со список на потписи објавена на Твитер во понеделникот.
„Ние, општинските советници на Русија, веруваме дека постапките на нејзиниот претседател Владимир Путин се штетни за иднината на Русија и нејзините граѓани. Бараме оставка на Владимир Путин од функцијата претседател на Руската Федерација“, се вели во петицијата објавена од Ксенија Торстром, локален советник на округот Семеновски во Санкт Петербург.
Петицијата уследи по првите регионални и општински избори во Русија од почетокот на војната, кои донесоа огромна победа за про-Кремљ кандидатите.
„Текстот на петицијата е концизен и не ‘дискредитира’ никого. Ако сте совентник на општината и сакате да се придружите, добредојдени сте“, напиша Торстром во објава на Твитер.
Советот на еден московски округ (Ломоносовски) исто така побара оставка од Путин, велејќи: „Вашите ставови и вашиот модел на владеење се безнадежно застарени и го попречуваат развојот на Русија и нејзиниот човечки потенцијал“.
Минатата недела советници на општината Смолнинско во Санкт Петербург ја повикаа Државната дума на Руската Федерација да покрене обвинение за предавство против Владимир Путин. Неколку од нив сега се соочуваат со обвиненија за дискредитација на руската армија, според објавата на Твитер на еден од локалните функционери, Никита Јуферев.