Во првите шест месеци од годинава извозот 3,4 милијарди евра, за 39,1 отсто повеќе од лани

Во првите шест месеци од годинава од земјава се извезени стоки во вредност од 210.122.464.000 денари или 3,4 милијарди евра што е за 39,1 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Увозот, пак, изнесува  286.095.298.000 денари или 4,64 милијарди евра, што е за 38,7  отсто повеќе во однос на првите шест месеци од минатата година.

Според податоци на Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит во првите шест месеци од годинава изнесува 75.972.834.000 денари или 1,232 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз е 73,4 отсто.

Најголемо учеството во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта од подгрупата 821.1  и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Земјава во првите шест месеци од годинава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.