Во последните шест квартали се креирани околу 18.000 нови работни места, вели Стојаноски


Фото: Б. Грданоски

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во изминатите шест квартали во Македонија се креирани околу 18.000 нови работни места, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција. Тој рече дека бројот на вработени порасна од околу 691 илјади на над 709 илјади граѓани кои денеска се во работен однос. 

„Ова е јасен показател дека економските политики даваат резултат и дека економскиот раст се претвора во реални можности за работа и подобар стандард за граѓаните“рече Стојаноски.

Според него, овие позитивни трендови не се случајни, и се  се резултат и на инвестициите кои се реализираат во државата, особено во индустријата, инфраструктурата и технолошко-индустриските зони, но и на политиките на владата за меки кредити кон стопанството и успешниот план за раст.

„Во моментов имаме договорени 17 инвестиции во ТИРЗ зоните, кои во наредниот период треба да донесат околу 5.000 нови работни места“, рече Стојаноски, додавајќи дека трендот на отворање нови работни места ќе продолжи и во наредниот период.

Паралелно со растот на вработеноста, се намалува и невработеноста.

Според последните податоци, стапката на невработеност е намалена на 11,4 проценти, што е значително подобрување во однос на претходните години.

„Со други зборови, имаме повеќе луѓе кои работат, повеќе инвестиции во економијата и постепено намалување на невработеноста“, рече Стојаноски.