Во поплавите во областа на Пекинг досега загинаа најмалку 20 луѓе


Најмалку 20 лица загинаа во областа на кинескиот главен град Пекинг и соседната провинција Хебеј по невообичаено обилните врнежи предизвикани од тајфунот Доксури, јави ДПА, повикувајќи се на локалните власти.

Кинеските државни медиуми денеска објавија дека е потврдена смртта на 11 лица во Пекинг и уште девет во Хебеј.

Поројните дождови се последица на тајфунот Доксури, кој во петокот ја погоди источна Кина. Метеоролошката служба на кинеската престолнина издаде највисоко ниво на предупредување за ризик од врнежи во сабота навечер, советувајќи ја јавноста да не излегува надвор. Оттогаш врне речиси непрекинато.

Видео снимките покажуваат улици претворени во бујни реки од кал и однесени паркирани автомобили. Мост се урнал под напливот на водите кои дошле. Пооддалечените рурални области околу Пекинг се особено тешко погодени.

Кинескиот весник „Женмин жибао“ објави дека повеќе од 100.000 луѓе биле преместени во побезбедни области.

Претходно, Доксури ја погоди кинеската крајбрежна провинција Фуџијан како тајфун. Потоа во внатрешноста ослабна до ниво на тропска бура, но сепак произведе екстремно пороен дожд.