Во Полска повторно протести поради смртта на трудница и речиси целосна забрана за абортусот: „Законот убива“


Илјадници луѓе се собраа во градовите низ Полска во саботата за да протестираат против строгите правила за абортус, откако смртта на трудница повторно ја отвори јавната дебата за ова прашање.
Одлуката на полскиот Уставен суд дека абортусот врз основа на деформитет на плодот е неуставен стапи на сила во јануари, по што имаше речиси целосна забрана за абортус и големи протести.

Луѓе кои носеа свеќи и транспаренти на кои пишуваше „Ниту една повеќе“ и „Рамнодушноста е соучесништво“ продефилираа низ десетина градови во саботата, вклучително и Пшчина во јужна Полска, каде што живееше починатата жена, соопштија организаторите.

Активистите велат дека смртта на 30-годишната Изабела во 22-та недела од бременоста е токму резултат на таа пресуда. Семејството вели дека трудницата починала од септичен шок, пренесува Хина.

Изабела дошла во болница во Пшчина во септември откако и пукнал водениот меур, соопшти семејството. Претходниот ултразвук, исто така, покажа повеќе малформации на фетусот. Сепак, лекарите одбиле да ја прекинат бременоста додека фетусот покажувал чукање на срцето.
Кога се покажало дека чукањето на срцето му престанало, лекарите решиле да и направат царски рез на Изабела. Адвокатот на семејството, Јоланта Буџовска, рече дека срцето на Изабела застанало на пат кон операционата сала и дека таа починала и покрај обидите за реанимација.

„И нејзиното срце чукаше“, е еден од слоганите на транспарентите.
„Законот против абортус во Полска ги убива полските жени. Тоа е сурово, страшно“, рече една жена на протестот во Пшчина. „Тоа е нехумано и се надевам дека оваа ситуација на некој начин ќе придонесе полските жени повеќе да не мора да умираат.

Владата соопшти дека одлуката на судот не е виновна за смртта на младата жена, туку лекарска грешка.

Министерот за здравство Адам Ниџиелски вети дека ќе издаде упатства за на најјасен можен начин да се утврди кога абортусот е легален.