Во партнерство со компанијата „Рамбл“ на Крис Павловски ќе се градат национални центри за податоци
Конкретни можности за соработка и инвестиции во дигиталниот сектор во Македонија биле клучни теми на разговорите што ги имале министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, и претставници на академската заедница со претставници од компанијата „Рамбл“ (Rumble).
Како што информираат денеска од Министерството за дигитална трансформација, во тој контекст била дискутирана можноста за партнерство со „Рамбл“ за изградба на современи национални центри за податоци што како иницијатива би придонела за подобрени стандарди за заштита на приватноста и безбедност на податоците.
-Исто така, беше разгледана соработката и во однос на проширувањето на дигиталната инфраструктура и поврзаноста, со цел Македонија да стане лидер во регионот по распространетост на брз и широкопојасен интернет, се вели во денешното соопштение.
Министерот Андоновски истакнал дека приоритетите на Владата се целосно усогласени со предложените области на соработка.

-Нашата визија за подостапни електронски јавни услуги, распространетост на брз и широкопојасен интернет, безбедни податоци на граѓаните и подобрена дигитална инфраструктура може значително да се унапреди преку соработката со „Рамбл“ . Искуството на Крис Павловски и неговиот тим е од непроценливо значење за забрзување на нашата дигитална трансформација, рекол Андоновски.
Од Министерството нагласуваат дека „Рамбл“ има експертиза и ресурси кои можат значително да го забрзаат напредокот на Македонија во дигиталната сфера, а инвестициите во дигиталната инфраструктура се клучни за нашиот економски раст и конкурентност. Соработката со компании како „Рамбл“ , велат од Министерството за дигитална трансформација, не само што ќе привлече значителен капитал, туку и ќе донесе најсовремени технологии и знаења во нашата земја.
Министерот Андоновски ја истакнал и важната улога на македонската дијаспора во овој процес: „Успешни бизнисмени како г-дин Павловски се мост меѓу Македонија и глобалната технолошка сцена. Нивната активност и инвестиции се од суштинско значење за нашиот напредок“, се вели во соопштението од Министерството за дигитална трансформација.