Во општина Пустец само седум првачиња


 Новата учебна 2022/2023 година денеска почна и за основците и средношколците во општина Пустец, област Мала Преспа, Република Албанија. 

На почетокот на учебната година со учениците во Пустец беше градоначалникот Пали Колефски кој им посака среќен почеток и многу успех во совладувањето на наставните единици. 

-Вам драги ученици и на вашите наставници ви посакувам среќен почеток и успешна учебна година. Посебни честитки до оние кои првпат седнуваат во ученичка клупа, посака Колефски. 

За жал, рече тој во изјава за МИА, продолжува трендот на намалување на бројот на првачињата, но и на вкупниот број ученици.

-Во општината  во ученичка клупа за првпат седнаа седум првачиња. Од нив по три се во Пустец и Туминец и едно во Леска. За жал, во оваа учебна година не е запишано ниту едно прваче во останатите шест населени места, изјави Колефски.

Според него на ниво на основно и средно образование настава ќе следат вкупно 109 ученици.

Од вкупниот број, 87 се ученици во основните училишта, додека 22 во гимназијата во Пустец.

Општина Пустец е наоѓа во јужниот дел на областа Мала Преспа каде на брегот на Преспанско Езеро се распослани девет населени места, населени со Македонци.