Во напад на училиште во Шведска загинаа околу 10 лица – повеќе нема опасност
Нешто пред 13 часот денеска се случи напад во училиште за возрасни во централна Шведска.
Пукањето се случило во Оребро, 200 километри западно од Стокхолм. Полицијата на прес-конференција соопшти дека „околу 10 лица се убиени“ и дека тоа е се што може да каже сега. Меѓу загинатите е и самиот напаѓач.
Тие ја отфрлија можноста за тероризам како мотив за нападот и нагласија дека веруваат дека напаѓачот дејствувал сам.
Полицијата: Загинаа околу 10 лица. Меѓу убиените е и напаѓачот
На втората прес-конференција денеска, полицијата соопшти дека „десетина лица се убиени“ во пукање во училиштето за возрасни „Кампус Рисбергска“. Се работи на нивно идентификување.
Загинал и напаѓачот, додаваат тие. На прашањето на новинарите дали напаѓачот се самоубил, началникот на локалната полиција во Оребро рече дека нема информации за тоа.
Полицијата соопшти дека 35-годишниот напаѓач не и е познат на полицијата и дејствувал сам, иако не е исклучено да имал помагачи.
Мотивот за овој страшен настан е непознат, според директорот на градската полиција Роберто Еид Форест, но се чини дека не станува збор за тероризам или организиран криминал.
Неколку шведски медиуми јавуваат дека 11 лица загинале, а неколку други се повредени. Претходно беше соопштено дека во Универзитетската болница се згрижени шестмина повредени.
Дали напаѓачот имал дозвола за оружје?
Шведската ТВ4 њуз објави дека напаѓачот наводно имал дозвола за оружје.
Да потсетиме дека Афтонбладет објави дека напаѓачот имал 35 години, а полицијата не ја исклучила можноста тој да има помошници на претходната прес-конференција.