Во македонскиот КИЦ во Софија промовирана книгата „Чиј беше Јон“ на Рефет Абази
Софија– Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија вечерва беше промовирана книгата на познатиот македонски писател, драматург, актер и педагог Рефет Абази, „Чиј беше Јон“ во превод на бугарски јазик.
На презентацијата, на која меѓу останатите присуствуваше и нашата амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска, Абази рече дека оваа негова книга претставува обид преку неа да го извлече сето она што е напластено во него.
Говорејќи за културната комуникација и за местото на книгите во современиот свет, Абази раскажа дека мајка му му велела оти тој што комуницира со книгата, всушност на волшебен начин комуницира и со авторот, кој бил инспириран да ја напише. Абази нагласи дека би сакал оваа книга да комуницира со бугарската публика и неговата порака до неа е дека сака да ја „прошири географијата на човечката комуникација и запознавање“.
Тој додаде дека добрата книга на крајот не може да остави никого рамнодушен, најавувајќи дека наскоро „Чиј беше Јон“ ќе биде објавена и на турски јазик и промовирана во Истанбул.
„Чиј беше Јон“ е роман за животот, кој е сплет од страдања, радости и грижи кои го придружуваат човекот и го градат како личност. Тоа е книга за љубовта и традициите, за односот меѓу генерациите и пренесувањето на моралните и духовните вредности. Длабоко човечка приказна фокусирана околу еден млад човек кој се бара себеси. На седумгодишна возраст молња поминува низ Јон и тоа му дава необични видувања – гледа работи со кои ќе се сретне години подоцна. Момчето се претвора во млад човек кој ќе ги доживее своите први љубовни трепети, а подоцна мора да стане сопруг и татко…
Рефет Абази е роден во Тетово во 1964 година. Носител е на многу награди како театарски актер. Тој ја толкуваше главната улога во „The Forgiveness of Blood“ во режија на Џошуа Марстон и освои „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал во 2011 година. Автор е на два романи, како и на неколку драми. Како професор по глума и театарска уметност има обучено многу од актерите, кои играат на театарските сцени во Северна Македонија. Абази моментално соработува со косовскиот режисер Викан Хјустон на сценарио за филм што ќе се снима во Приштина, а во земјава работи на сценарио за филмот „Цветот на срамот“.