Во мај издадени 340 одобренија за градба – 229 од нив се за згради
Во мај годинава издадени биле 340 одобренија за градење, што е за 27,5 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Најмногу одобренија за градење, 229, биле издадени за високоградба. Во Источниот Регион издадени се најмногу одобренија за градење, 76, по што следуваат Скопскиот – 65, Полошкиот – 62, Југоисточниот – 51, Југозападниот – 36, Пелагонискиот – 24, Вардарсиот – 20, Североисточниот – 56.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 6.669.367.000 денари, што е за 15,2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 229 (67,3 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 22 (6,5 проценти) од нискоградба и 89 (26,2 проценти) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 340 објекти, на 214 (62,9 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 126 (37,1 проценти) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период предвидена е изградба на 840 стана со вкупна корисна површина од 71.561 квадратен метар. Во Источниот Регион ќе се градат 249 стана, Југозападниот – 189, Скопскиот – 166, Југоисточниот – 106, Полошкиот – 91, по 19 во Пелагонискиот и во Вардарскиот и еден во Североисточниот.