Во Косово запален уште еден фитиљ, Вучиќ ветува победа


Освен што обвини „некои запдани земји“ дека знаеле за денешниот инцидент во Митровица, Александар Вучиќ објави дека најмоќните земји во светот ќе бараат „исчезнување на Република Српска“ на пролет

 

Тензиите меѓу Косово и Србија продолжија во средата, откако косовската полиција се судри со етничките Срби за време на операцијата против шверцот. Најмалку 11 лица се повредени.

Епизодата предизвика гневен одговор од Србија, која побара од меѓународната заедница, вклучително и мировната мисија предводена од НАТО на Косово, КФОР, да го врати редот и да спречи „поширок хаос“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини „големите западни сили“ за неуспехот да ги заштитат косовските Срби и рече дека ако не го сторат тоа, Србија ќе го стори тоа.

„Дозволете ми да бидам кристално јасен, ние ќе го браниме својот народ… и во таа битка ќе победиме“, рече Вучиќ за време на состанокот со претставниците на косовските Срби во Рашка близу границата со Косово.

Балканскиот регион е веќе на работ на голем криза откако спорот минатиот месец помеѓу Косово и Србија за регистарските таблички на возилата се закани дека ќе прерасне во насилство. Но, западните функционери интервенираа и силите на КФОР беа распоредени во областа, со што се прекина расправијата.

Рацијата во една аптека во Митровица во потрага по шверцувана стока го покрена гневот (Фото: АП)

Во соопштението на косовската полиција се вели дека рациите во средата поради криумчарење на стоки се одржале во четири области, вклучувајќи ја и северна Митровица, која е претежно населена со етнички Срби. Во него се вели дека „криминалните групи се собраа организирано да ги блокираат патиштата со возила, користеа резервоари за течен гас, бомби за шок, пукаа со оружје и рачни бомби за да ги попречат и нападнат царинските и полициските службеници што ја извршуваат својата должност“.

Полицијата соопшти дека 10 полицајци и еден српски цивил се повредени за време на судирите. Осум Срби и Албанци беа уапсени, а 10 други беа прогласени дека се во бегство, според шефот на косовската полиција Самедин Мехмети, кој додаде дека смиреноста е вратена.

„Немаше активност насочена против српската заедница во Косово“, рече министерот за внатрешни работи Џелал Свекла на прес-конференција, додавајќи дека повеќето од уапсените се Албанци кои им пркоселе на законите со наводниот шверц.

Петар Петковиќ, претставник на српската влада за Косово, рече дека 36-годишен Србин бил застрелан во грбот и лекарите работат на отстранување на куршум што завршил во неговите бели дробови.

Српските медиуми објавија дека покрај човекот се повредени и десетици други. Но, тоа не може да се потврди независно.

Видео снимката покажува како полицајците пукаат со солзавец додека Србите фрлаа камења и други предмети кон полицајците. Полицајците мораа да ги придружуваат цариниците далеку од местото на настанот за да ги заштитат. Србите, исто така, го блокираа главниот пат со камиони, исто како и минатиот месец за време на напната ситуација што се случи со спорот околу регистарските таблички на возилата.

Полициски автомобил и уште најмалку два автомобили со косовски регистарски таблички се изгорени, јавуваат косовските медиуми.

Од тензија во тензија на северот на Косово, од дијалогот не остана речиси ништо: Митровица денес (Фото: АП)

Српските медиуми објавија дека ситуацијата е „екстремно напната“во северниот дел на Митровица, населена со Срби, откако косовската полиција изврши рација во аптека и некои продавници во очигледна акција за запирање на шверцот на стоки.

Косовскиот премиер Албин Курти ги повика етничките Срби на Косово „да не станат жртви на некои медиуми во Србија кои штитат криминал, корупција и шверц и сакаат да го политизираат и претворат (полицискиот упад) во етничко прашање“.

„Групите за криминал и криминалци нема да се толерираат и ќе се бориме против нив. Ќе се бориме и ќе спречиме шверц“, напиша Курти на својата страница на Фејсбук.

Српската премиерка Ана Брнабиќ побара „брза реакција“ од „меѓународната заедница“, вклучително и НАТО и КФОР, нарекувајќи ја ситуацијата во Митровица „повеќе од драматична“.

„Ова е последен момент кој бара јасна реакција за да се запрат лудите политики што ги спроведува Приштина“, рече Брнабиќ во изјавата. „Ваквото однесување… нѐ носи до работ на хаосот“.

Петковиќ го обвини Курти дека сака да предизвика „поширок хаос“.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел рече дека Брисел „е во контакт со Белград и Приштина“, додавајќи дека „сите отворени прашања мора да се решат преку дијалогот олеснет од ЕУ“.

„Насилните инциденти на северот на Косово треба веднаш да престанат. Еднострани и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи“, напиша тој на Твитер.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави во Рашка дека Белград ќе се обиде да го зачува мирот, порачувајќи им на Србите од Косово да го заштитат својот народ и дека ќе бидат со нив доколку избие насилство.

„Само имајте ја предвид цената што сите ќе треба да ја платиме, и зошто моето барање е да се обидеме да го избегнеме тоа“, рече Вучиќ по состанокот со претставниците на Српската листа и граѓани од северно Косово.

Вучиќ изјави дека, според разузнавачките информации на Србија, Приштина имала поддршка од „барем една држава“ која не е членка на ЕУ.

„Што и да се случи и какои да се случи, Србија и Белград ќе бидат со вас“, рече Вучиќ.

„Во борбата во која треба да ги заштитиме животите на нашите деца на Косово и Метохија, во која треба да го заштитиме нивниот опстанок, не само што ќе го заштитиме, туку ви кажувам за прв пат со сигурност дека ќе го победиме тоа борба“, додаде тој.

По пристигнувањето во Рашка Вучиќ рече дека контактирал со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, по повод денешните настани. Потоа на состанокот рече дека му рекол на Лајчак „да ја зауздаат Приштина, и ако тие не се во можност – ние ќе ги зауздаме“.

„Ми рекоа – ние работиме на тоа“, раскажа Вучиќ.

Претседателот на Србија рече дека САД, Велика Британија и Германија нема да се откажат од „целосната независност на Косово“.

Тој најави и дека ќе следи тежок период и дека најмоќните земји во светот ќе бараат „исчезнување на Република Српска“ на пролет.

По посетата на Рашка, претседателот Вучиќ ја посети базата за жандармерија во Кралево и им порача на припадниците на оваа формација да бидат подготвени.

„И она што ви го кажувам е дека заштитата на нашиот народ ќе значи дека можеме да победиме. Нема предавање, нема повлекување“, рече претседателот Вучиќ, кога членовите на жандармерискиот одред го поздравија со химната на единицата„ Христос Боже“. (АП, Бета)