Во конзуларните претставништва во Берн, Бон, Берлин и Минхен ќе има двосменско работење за издавање пасоши


Поради зголемен број на барања за издавање на пасоши заради рокот до февруари да се сменат патните исправи, во конзуларните претставништва во Берн, Бон, Берлин и Минхен ќе биде воведено двосменско работење.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на средба со новинарите рече дека се размислува двосменско работење да биде воведено и во нашето претставништво во Лондон.

– Имаме голем прилив на барања за пасоши особено во одредени амбасади, пред се поради рокот до февруари 2024 година кога треба да се сменат пасошите. И затоа одлучивме да испратиме една група конзуларци од МНР, со цел да овозможиме двосменско работење во наредниот период, рече Османи.

Како ќе се појават потреби од другите градови, така ќе се пристапува кон воведување на двосменско работење.

Османи на прес-конференцијата информираше дека на седница на Влада е донесена одлука бегалците од Украина, кои се околу 471 на број, да можат да ги користат услугите на нашиот здравствен и образовен систем, како и на на нашите социјални установи.