Во Клинички со две катни гаражи ќе се обезбедат 843 паркинг-места


На последната седница Владата донесе одлука да започне постапка за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје преку склучување договор за јавно-приватно партнерство.

„Целта на постапката за јавно-приватно партнерство е финансирање, дизајнирање, изградба, користење, управување и одржување на новиот објект со цел да се даде квалитетна услуга. Со овој модел на ЈПП, приватниот партнер ќе биде одговорен за финансирање на дизајнот, финансирањето на изведбата на градбата, целосно опремување, управување и одржување на двете нови катни гаражи“, подвлекоа од Владата.

Со физибилити-студијата предвидени се две локации за изградба. Едната на местото на стара Гинекологија и втората на местото кај хелиодромот. Катните гаражи треба да бидат од монтажен тип.

„Едната монтажна катна гаража се предвидува да обезбеди паркинг-простор за 350 моторни возила. Монтажната катна гаража е со вкупна површина од 10.500 квадратни метри и ќе има приземје и две нивоа за паркирање. Втората монтажна катна гаража се предвидува да биде лоцирана на постојниот отворен паркинг, во близина на хелиодромот и да обезбеди паркинг-простор за 493 моторни возила. Таа ќе зафаќа површина од 14.796 квадратни метри. И ќе има приземје и две нивоа за паркирање. „Со физибилити-студијата се предвидува модел на јавно-приватно партнерство за изградба и стопанисување на катните гаражи со цел да не се создаваат дополнителни оптоварувања на буџетот“, велат од Министерство за здравство.

На прашањето кога ќе биде распишан тендер за избор на фирма која ќе ги изгради катните гаражи и кои се проценките до кога би требало да бидат готови за да се реши хаосот со паркирањето во клиничкиот центар, од Министерството одговорија:

„Се очекува Владата да формира комисија за спроведување на постапката за јавно-приватно партнерство, по што таа во рок од 30 дена треба да изготви тендерска документација со која би се започнала постапката на технички дијалог по што би се спровела постапката за ЈПП согласно законски утврдените рокови“.

На Клинички секојдневно, со години, граѓаните се соочуваат со метеж од автомобили, а тие што ги возат не можат да најдат паркинг за да одат на преглед. Често се паркираат и на тротоарите покрај клиниките што, пак, им го отежнува движењето на пешаците. Додека се реализираат ветувањата за изградба на катните гаражи, проблемот нема да сопре. Синдикатот на Клиничкиот центар, преку соопштение до медиумите на крајот на март, го потсети министерот за здравство дека крајниот рок што тој го одреди за изградба на катни гаражи истекува до средината на април, а сега е мај.

„Притоа вети и се обврза дека, по изградбата на катните гаражи, картичката за паркинг за вработените во Клинички центар ќе биде бесплатна или нема да е повеќе од 200 денари месечно. Во меѓувреме, ниту еден столб не е поставен на просторот предвиден за катни гаражи, а вредноста на картичката за паркинг за вработените во Клинички центар е зголемена за 229 отсто и изнесува 800 денари, што за некои профили вработени е еднакво на процентот на покачување на јануарската плата. Синдикатот на Клинички центар и вработените очекуваат реализација на ветените програми и планови“, стои во соопштението на Синдикатот.

Вероника Мароска-Леова