Во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за оцрнување на ред дојде Стево Пендаровски
Се потрошија сметките на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Па хотелите од 200 и нешто долари на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски и на ред дојде донеодамнешниот претседател на државата Стево Пендаровски.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува дека не бил скромен, т.е. дека покажал „лажна скромност“ и наместо три лица за кабинетот за поддршка побарал уште за едно.
Пратеникот Тони Јаревски на прес-конференција изнесе податок веројатно добиен од надлежните служби дека Пендаровски за четвртото лице побарал да се одвојат 51.000 денари.
Овој податок не го соопшти некој одговорен за тоа од надлежните служби, туку партиски претставник на ВМРО-ДПМНЕ што покажува дека службените информации се дистрибуираат во партискиот штаб за оцрнување.
„Стево Пендаровски ги манипулира граѓаните и лажно се претставува за скромен, а всушност бара повеќе пд тоа што јавно се го изјавуваше“, рече Јаревски денеска.
Двајцата претходни претседатели, Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски, имаат свои кабинети, но тие според пропагандната логика на ВМРО-ДПМНЕ биле во право што не изјавувале дека ќе бидат скромни.
Пендаровски за Дојче веле рече дека е изненаден што ова прашање се наметнува како тема изминатиов период. Тој вели оти „не може на улица да се среќава со странски политичари или амбасадори“, поради што побарал да му се обезбеди некаков простор. Канцеларијата која што му ја додели државата ја користи веќе два месеци за средби со граѓаните и во неа се ангажирани три лица кои и претходно работеа во неговиот претседателски кабинет. Во меѓувреме се бара ангажман и на уште едно како логистика, кое што би било задолжено за одржување на компјутерските системи.
Пендаровски за Дојче веле вели дека првично побарал од тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи да му биде отстапена само една канцеларија на користење во МНР. Но, не постоеле законски можности за такво нешто.
„Веднаш по завршувањето на мојот мандат испратив допис до МНР и побарав да ми овозможат користење на просторија за одржување средби со граѓаните и со меѓународните претставници, но оттаму одговорија дека за такво нешто не постои ниту законска основа, ниту претходна политичка пракса. Затоа веќе наредниот ден испратив допис до Службата за општи и заеднички работи на Владата да ми обезбедат, согласно со законот, таква просторија, што беше реализирано во текот на јуни“, вели Пендаровски.
Тој додава дека канцеларијата којашто му е доделена од државата уште во јуни, по истекот на неговиот мандат, не е целосно уредена. Во канцеларијата нема компјутери и телефони.
Пендаровски претходно се откажа од дел од државните бенефиции, се врати на професорската работа и не зема претседателска пензија. (Н.В.)