Во јануари годинава бројот на туристи во Грција се зголемил за 11,4 отсто

Бројот на посетители на Грција во јануари годинава се зголемил за 11,4 отсто споредено со истиот период лани, а зголемување за 7,5 проценти има и во приходите од туризмот во конкретниот месец, согласно податоците на Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во јануари 2025 година, Грција ја посетиле 821.600 туристи, а пристигнувањата на аеродромите се зголемиле за 24,9 проценти, додека пак преку копнените гранични премини има намалување за 9,7 отсто.
Според Банката на Грција, порастот на бројот на туристи во земјата во јануари се должи и на зголемениот број туристи од ЕУ (за три отсто) и од останатите земји (за 9,8 проценти).
Во однос на приходите од туризмот, изнесуваат 302,2 милиони евра, намалени се за 2,5 отсто од посетителите од жителите на земјите од Европската Унија, а зголемени (за 18,9 отсто) од жителите на останатите земји.
Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра.