Во ист ден германскиот шеф на дипломатијата во Скопје, а министерот за Европа во Софија
Без прес-конференција и со објава од две реченици на Мицкоски на Фејсбук помина престојот на министерот Јохан Вадефул на Скопје
Една објава на Фејсбук од неколку реченици и штуро соопштение на МНР е сѐ што досега дозна македонската јавност за посетата на германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, на Македонија и неговите разговори со премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Двете реченици на Мицкоски на неговиот Фејсбук профил се целосно празни:
„Денеска остварив средба со германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул. Разговаравме за продлабочување на соработката меѓу двете земји, тековните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи“.
Нема податок ни каде се сретнале, затоа што фотографијата од средбата е само една празна соба.
Вадефул е на регионална турнеја и во три дена ги посети сите земји од Западен Балкан кои се и кандидати за членство во ЕУ. пред неговата турнеја тој објави дека „за иднината во ЕУ, многумина се подготвени да спроведат далекусежни реформи. Секој што сака да стане дел од оваа заедница на правото и оваа економска област мора да преземе одговорност – дури и ако тоа бара тешки чекори. За владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните права не може да се преговара. Нашите сојузници во НАТО, Црна Гора и Албанија, особено, неодамна постигнаа значителен напредок; другите земји сè уште имаат да поминат значителен пат“.
Контроверзно е тоа дека само во Скопје Вадефул и неговиот домаќин, Муцунски (или Мицкоски) не одржа прес-конференција. И да се дознае дали македонските власти преземаат тешки чекори за да преземат одговорност за владеење на правото. Дали неодржувањето на прес-конференција било на барање на македонската страна или заеднички донесена одлука не е јасно, ниту некој дава какво било објаснување.
Пред разговорот со Мицкоски Вадефул имаше средба со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Како што соопштија од кабинетот на министерот, на средбата била потенцирана важноста што Германија му ја придава на Западен Балкан. Муцунски му се заблагодарил на Вадефул за континуираната германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја и го информирал за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи. „Посетата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот“, се вели во соопштението од МНР.
Ова е втор пат германски министер да престојува речиси инкогнито во Македонија. Претходно, министерката за Европа од минатата влада, Ана Лирман, беше во Скопје а никој да не знае за тоа. Информацијата за нејзината посета дојде кога таа беше на заминување за аеродром.
Јавноста може да нагаѓа зошто е тоа, но очигледно е дека премиерот и министерот не сакаат транспарентност за некои работи.

Симптоматично е што во истиот ден кога Јохан Вадефул беше во Скопје германскиот државен министер за Европа, Гинтер Крихбаум, беше во Софија на политички разговори. Според најавата на посетата од германското министерство за надворешни работи разговорите на Крихбаум во Софија ќе биле „фокусирани на прашања од европската политика, особено проширувањето и понатамошниот развој на силна и ефикасна Европска Унија“. Како и влезот на Бугарија во еврозоната. Крихбаум се сретна со министерот за надворешни работи Георг Георгиев, претседателите на две комисии на собранието (за европски и надворешни работи) со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, и со гувернерот на Народната банка.
Во соопштението на бугарското МНР двете делагации разговарале за „актуелни теми од европската агенда, вклучувајќи ја следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, иднината на Европа, процесот на проширување на ЕУ“.
Дали меѓу овие теми било и прашањето на македонскиот ќор-сокак во пристапувањето кон ЕУ не е познато. Но сосем е сигурно дека Вадефул и Мицкоски разговарале на таа тема бидејќи целата турнеја на германскиот министер за надворешни работи на регионот е за да им се даде поттик на земјите за пристапувањето кон ЕУ.
Пред да дојде во Скопје, Јохан Вадефул беше во Приштина каде по разговорите имаше прес-конференција со претседателката Вјоса Османи. На прес-конференцијата Вадефул рече дека е „добро што Косово е на наша страна. Сите ние, без разлика дали сме во ЕУ или не, мора јасно да ѝ ставиме до знаење на Русија дека дестабилизацијата, дезинформациите, манипулациите немаат место на нашиот континент. На обидите за дестабилизација одговараме со обединета Европа“.
Во вторникот изутрина и понеделникот вечерта тој беше во Белград каде разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за надворешни рамоти Марко Ѓуриќ. Знаеме што порача Јохан Вадефул во сите балкански престолнини осве во Скопје. (Н.В.)