Во гимназиите колони, во стручните кандидатите се бројат на прсти


Првиот ден од уписите во средните училишта покажува дека освен гимназиите, за полуматурантите најпривлечни и годинава се училиштата што нудат медицински насоки, како и оние каде што се изучуваат економските и правните смерови. Дали кампањата на Министерството за образование и наука „Одбери стручно – средно што е вредно“ ќе даде резултат ќе се знае по вториот уписен рок, кога ќе се знае и точниот број на новозапишани средношколци.

Образложението на дел од полуматурантите беше дека одбрале да се запишат во гимназиско образование бидејќи имаат интерес за општествените науки, други за природно-математичките. Но има и такви што изборот на училиштето го направиле поради близината на училиштето до дома, а некои, пак, рекоа дека по завршувањето на средното ќе се определат дали ќе продолжат на општествените или техничките факултети или, пак, гимназија одбрале оти немаат дефинирано што сакаат да учат.

„Поднесов пријава за упис во гимназијата ‘Јосип Броз Тито’ бидејќи сакам да ја изучувам општествени науки. Се надевам дека ќе ме примат. Успехот од основното образование ми е 5,00“, рече полуматурантката Ана.


„Одлучив да го продолжам моето образование во гимназија, ја одбрав гимназијата ‘Раде Јовчевски-Корчагин’ бидејќи сметам дека е најдобра. Мене добро ми оди математика, а и живеам во близина на училиштето“, рече Борис.
„Засега сметам дека гимназиско образование за мене е најдобро, а по завршувањето на средно ќе се определам што понатаму“,објасни Зоран.

„Децата на четиринаесетгодишна возраст не се доволно свесни што сакаат да учат. Им треба време да се пронајдат, јас така мислам, не се подготвени. Потребно е уште во основното образование наставниците да ги препознаат нивните афинитети за да ги насочат. Сè се сведува дали имаат научено, колку знаат и им се ставаат оценки за тоа“, додаде Мила, мајка на Зоран.

Деветтоодделенците што поднесуваа документи во средните стручните училишта веќе се определиле сакаат да учат.

„Поднесов пријава за упис во гимназијата ‘Јосип Броз Тито’ бидејќи сакам да ја изучувам општествени науки. Се надевам дека ќе ме примат. Успехот од основното образование што сакаат да учат, а подоцна образованието што ќе го стекнат да го применат во професијата.
„Поднесов документи за машинска струка, сакам да учам за техничар за компјутерско управување, мислам дека ќе бидам примен“, кажа кандидатот за СУГС „8 Септември“.

Со конкурсот на Министерството за образование и наука предвидени се 35.690 ученички места, од кои за гимназиско образование се 10.713 места. За стручно образование во четиригодишно траење слободни се 18. 365 слободни места, за стручно образование во тригодишно траење 5.490, а за стручно образование во двегодишно траење има 408 места.
„За упис во прва година се предвидени места за 408 ученици во 12 паралелки, од кои 340 за настава на македонски јазик и 68 ученици во 2 паралелки за настава на турски јазик. До 11 часот, 250 деца имаа поднесено пријави за упис. Одѕивот е повеќе од одличен, кога дојдовме на работа имаше колони на кандидати за упис, така што верувам дека ќе биде исполнета квотата. Најчесто се запишуваат ученици со одличен успех од основното образование“, посочи директорката на скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, Силвана Кржовска.


„За 262 места, поделени во осум паралелки, до 13 часот документи доставија 264 кандидати, повеќе од предвидениот број. Искуството покажува дека 240 кандидати се со успех 5.00, а дваесетина влегуваат со по една четворка“, вели директорот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Драган Арсовски.
„До пладне 15 кандидати имаа поднесено документи за упис, лани по двата уписни рока толку беа запишани. Со конкурсот предвидени се 275 места. Оние што имаат послаб успех се заинтересирани за образовните профили со тригодишно образование, додека оние со многу добар и одличен успех сакаат да бидат примени во четиригодишното образование. За сите запишани се обезбедени стипендии и загарантирани вработувања во компаниите со кои имаме соработка. Плановите се од следната учебна година и ова училиште да биде опфатено со дуално образование“, подвлече директорот на СУГС „8 Септември“, Кенан Асани.
„Нашето училиште освен со ЕВН има соработка со уште пет компании. Учениците што ќе бидат запишани за струката електричар-електромонтер на електроенергетски мрежи освен пракса во компаниите во текот на образованието добиваат и месечен надомест. Мора да се промовира стручното образование бидејќи баш кадар за кој во училиштето имаме профили е дефицитарен за компаниите. Документи поднесоа 203 деветтоодделенци, од кои за тригодишно образование 31 кандидат, другите за четиригодишно. Најголем интерес има за компјутерска техника и автоматика, струка за која доставиле пријави 120 кандидати. Се надевам дека ќе запишеме 250 ученици, а со конкурсот предвидени се 612 слободни места. Минатата година имавме запишано 230 ученици, сметам дека уште 50 ќе се запишат“, рече директорот на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев.

Засега дуалното образование, како пилот-проект, се применува во пет средни стручни училишта во земјава, во Скопје, Кавадарци, Прилеп, Велес и Охрид, а опфатени се околу 200 ученици. Идејата на Владата е оваа реформа, која се применува од 2017 година, да стане системски и составен дел од средното стручно образование. Министерот за образование и наука Арбер Адеми неодамна рече дека од следната учебна година со проектот ќе бидат опфатени речиси 300 ученици. Бизнис-заедницата бара забрзување на примената на дуалното образование со кое учениците уште во текот на средното образование ќе се обучуваат во компании, со цел да се произведат кадри според потребите на стопанството.


Во средните училишта и денеска ќе има запишување ученици во прва година средно образование. Резултатите од запишувањето и слободните места од првото пријавување ќе бидат објавени на 19 јуни. Второто пријавување и запишување на учениците е на 24 и 25 јуни, а третото на 1 јули.
Од Министерството за образование и наука најавија дека од учебната 2019/2020 година во сите средни стручни училишта ќе почнат да се реализираат новите наставни планови и 1.040 модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование со четиригодишно траење кои предвидуваат воведување на учењето преку работа во трета и четврта година како интегрален елемент во системот на техничко образование и зголемување на учеството на практичната настава и вежби за учениците.

Вероника Мароска-Леова