Во фабриките на „Хјундаи“ во Америка работеле деца и на 12години


Откриено е дека најмалку четири главни доставувачи на компанијата „Хјундаи мото“ и сестринската компанија „Киа корпорејшн“ вработуваат детска работна сила во фабриките во Алабама. Новинари на „Ројтерс“ со помош на државните и сојузните агенции сега истражуваат дали се користи детска работна сила и во другите фабрики на овие компании низ светот.

Во фабрика во сопственост на „Хвашин Америка корпорејшн“, доставувач на двете спомнати марки автомобили во градот Гринвил во јужна Алабама, овој мај работело 14-годишно девојче од Гватемала вработено на склопување компоненти на каросериите на автомобилите.

Во фабриките во сопственост на корејскиот произведувач на автомобилски делови „Аџин индастријал“, во градот Касета во источна Алабама, поранешен инженер на производството кажа дека работел со најмалку 10 малолетници. Уште шест поранешни вработени на Аџин потврдиле дека и тие работеле со повеќе малолетни работници.

И Хвашин и Аџин издадоа соопштенија во кои тврдат дека нивната политика забранува вработување на кој било работник кој не е законски способен за вработување, во што спаѓаат и малолетниците. Со идентичен корпоративен речник му кажале на Ројтерс дека „според нивните сознанија“ компаниите не вработувале малолетни работници.

Ројтерс во јуни открил дека две деца работеле во „Смарт Алабама ЛЛЦ“, во подружницата на „Хјундаи“ во јужна Алабама, од кои едно имало само 12 години. Во август американското министерство за труд извести дека „СЛ Алабама ЛЛЦ“, уште еден доставувач на „Хјунади“, вработувал малолетни работници, вклучувајќи 13-годишници. Сите деца биле од емигрантски семејства, а репортери на Ројтерс разговарале со 14-годишна работничка од Гватемала.

Од тогаш американските државни агенции истражиле дури 10 фабрики во Алабама кои испорачувале делови за Хјундаи или Киа поради детски труд. Истрагите се спроведуваат во помали градови и рурални места каде што се наоѓаат многу доставувачи и агенции за вработување. Сè уште не е јасно дали истрагите ќе доведат до кривични пријави или дали некој ќе биде казнет, кажале две лица поврзани со истрагата.

Кога во август екипа на министерството за труд и државните инспектори на Алабама ненајавено влегла во една фабрика на Аџин, работниците избегале од задната страна пред да можат да ги испрашаат, кажал еден од инспекторите на состанок на работната група за Алабама за борба против трговијата со луѓе.

Законот на Алабама и на САД забранува работа во фабрика за лица помлади од 16 години, а на сите работници помали од 18 години им забранува вршење опасни работи во автомобилските фабрики, каде пресите за метал, машините за сечење или вилушкарите можат да загрозат и здравје и животи.

По првиот извештај на Ројтерс главниот оперативен директор на Хјундаи во САД Хозе Муњоз кажа дека фирмата ќе го прекине работењето со доставувачите кои вработувале деца. Но, Хјундаи сега се повлекува од тоа и продолжува да работи со истите доставувачи. Компанијата само испрати соопштение дека сега во фирмите со кои е поврзана се заострени контролите.