Во делови од Скопје се чувствува силен непријатен мирис, депонијата Дрисла се затрупува


 

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од Скопје се чувствува силен непријатен мирис. И вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а активностите за затрупување ќе бидат дополнително засилени рано наутро, информира вечерва директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

За утре, како што најави Ангелов, се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, за што дополнително ќе информира утре претпладне.

Во централниот дел на депонијата Дрисла сѐ уште гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина, информираше претходно денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Ангелов преку видео изјава од терен денеска соопшти дека гаснењето со вода не давало резултати, по што се пристапило со затрупување на најкритичниот дел од депонијата.

„Бидејќи е прогласена кризна состојба на територија на цела држава поради пожарите, денес надлежноста врз депонијата Дрисла ја презема Главниот штаб за управување со кризи. Од тие причини дадовме задача денес да се почне со агресивно затрупување на дел од депонијата Дрисла, каде го имаме најголемото чадење, делот каде се одвива горењето“, изјави Ангелов.

Додаде дека има индиции дека се работи за намерно подметнат пожар бидејќи во текот на летото, кога имало високи температури не дошло до самозапалување на депонијата.

Пожарот на депонијата Дрисла избувна вчера.