Стразбур до Бугарија: Не можеш да бараш права за своите малцинства, а да не ги почитуваш туѓите

Советодавниот комитет на Советот на Европа истакнува дека правата на малцинствата и нивната ефективна реализација мора да бидат приоритет за бугарските власти


Советот на Европа во Стразбур

 

Бугарија има сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, нo истите напори не можат да се забележат внатре во земјата. Генерално, постои забележителен недостаток на свест за малцинските права како составен дел на човековите права, се констатира во најновиот извештај на Советодавниот комитет на Советот на Европа.

Според него, Во Бугарија не се прават ни напори да се имплементираат голем број долгогодишни препораки  околу принципот на слободна самоидентификација, околу заштитата на јазичните  и други права права, како и околу потребата да се обезбеди целосна еднаквост и на сите што живеат во Бугарија. „Потребни се повеќе активности од властите во голем број сфери поврзани со правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, оценува Стразбур. 

„Лицата кои се идентификуваат како Македонци продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, но властите не признаваат постоење на објективни критериуми, што им го отежнува остварувањето на индивидуалните права. Нивните обиди за регистрација на здруженија не успеаја“, се наведува во извештајот.

Комитетот истакнува дека правата на малцинствата и нивната ефективна реализација мора да бидат приоритет за властите. Тие нагласуваат дека е важно да се следи практичен пристап кон Македонците и Помаците, со фокус на недискриминација и равноправен пристап до права.

„Лицата кои се идентификуваат како Македонци известиле за обиди од властите да ги обесхрабрат во нивната самоидентификација. Пријавени се и инциденти за време на јавни настани и пречки во организирање протести. Учесниците во истражувањето забележуваат дека свеста за малцинските права во бугарското општество е на ниско ниво“, се вели во извештајот.

Дополнително, Европскиот суд за човекови права утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување во 12 случаи против Бугарија, поврзани со невладините организации на Македонците, кои властите постојано одбиваат да ги регистрираат.

„Овие случаи, познат како група случаи „ОМО Илинден“, се однесуваат на одбивањата на националните судови помеѓу 1999 и 2015 година да ги регистрираат здруженијата . Одбивањата беа засновани на загриженост за национална безбедност, заштита на јавниот ред и правата на другите и на уставната забрана за здружување за остварување политички цели, како и поради неуспехот на тие здруженија да ги исполнат формалните законски барања -за кои Европскиот суд за човекови права оцени дека се неоправдано и непропорционално  мешање во правото на слобода на здружување. Судот, исто така, утврди дека фактот што неколку цели на здруженијата биле означени како „политички“ не е доволен основ за одбивање на нивната регистрација“, стои во извештајот.

Притоа се додава дека шест пресуди во оваа група предмети се под засилена постапка на надзор за нивно извршување од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа повеќе од 17 години. Затоа, Стразбур ѝ порача на Софија дека кога спроведува политики за промовирање на правата на лицата кои припаѓаат на нејзиното национално малцинство во странство, треба да се погрижи да биде доследна во својата поддршка за лицата кои припаѓаат на малцинствата под нејзина јурисдикција.Во смислам, да не бара многу гласно права за своите во Македонија додека воопшто не го ни признава постоењето на Македонците во Бугарија. 

Дека го имал предвид политичкиот контекст, Советодавниот комитет покажа со тоа што во извештајот го вклучи и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија.

„Комитетот ги поздравува напорите на Бугарија за билатерална соработка и гледа можност за унапредување на односите со соседните земји, вклучително и прекугранична соработка на ниво на регионални и општински власти. Сепак, таа е загрижена што заштитата на правата на бугарските национални малцинства на национално ниво не е конзистентна со нејзините надворешни политики како ‘роднина држава’. Помеѓу Бугарија и соседните држави се потпишани голем број договори за соработка во областа на образованието, културата и науката.  „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија“ (сега Северна Македонија) од 2017 година, кој е во сила од февруари 2018 година, бара  понатамошно развивање добрососедски односи врз основа на почитување на основните принципи на меѓународното право за пријателски односи меѓу државите, но и врз основа на почитување на демократските принципи вградени во инструментите на Советот на Европа“, стои во оценката.

Советодавниот комитет ги повика наедно бугарските власти да го поддржат учењето на малцинските јазици и да обезбедат континуитет на наставата од предучилишно до високо образование, особено во региони каде што живеат значителен број на членови на овие заедници.

Меѓу позитивните случувања забележани во Бугарија, мислењето го наведува развојот на законодавството за борба против говорот на омраза и криминалот од омраза, напорите во однос на пристапот до образование кои резултирале со повисоки стапки на посетеност на ромските деца и постепено намалување на бројот на рано напуштање, како и мерките за јавно здравје кои позитивно влијаат на пристапот на Ромите до здравствена заштита, особено континуираната поддршка за ромските здравствени медијатори што е за пофалба. 

„Сепак, политичката нестабилност во земјата од 2020 година директно и негативно влијаеше на севкупното спроведување на правата на припадниците на националните малцинства. Недостасува свест за малцинските права како составен дел на човековите права и потребни се напори за борба против предрасудите и стереотипите поврзани со малцинствата. Ромите сè уште се соочуваат со многу пречки, вклучително и антициганизам, принудни иселувања, несоодветно домување, невработеност (особено кај жените), севкупна здравствена состојба и недостаток на документи за идентификација, што ја попречува нивната целосна еднаквост и вклучување во бугарското општество. Финансирањето на културните активности останува многу ограничено. Освен правото два часа неделно да се учи „мајчинот јазик“ на основното образование, нема други можности за учење на малцинските јазици на училиште“, стои во оценката.

Како препорака за итна акција, Советодавниот комитет ги повикува властите да обезбедат доволно, наменски и одржливо долгорочно основно финансирање за зачувување и промовирање на културите и идентитетите на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, со посебен фокус на нумерички помалите.

„Мора да се преземат дополнителни конкретни чекори за подобрување на знаењето кај мнозинското население за бугарските национални малцинства со цел да се прифатат како составен и ценет дел од бугарското општество. Сè уште се потребни активни напори од страна на властите за борба против предрасудите и стереотипите на малцинствата, вклучително и преку систематска обука на полицијата за спречување на насилството врз Ромите од страна на полицијата и обезбедување на темелна и независна истрага за сите случаи на полициско насилство врз Ромите.

Стамбената состојба на Ромите треба да се подобри, вклучително и преку гарантирање на нивниот пристап до вода за пиење и електрична енергија, како и до сите други јавни услуги. Треба да се обезбедат безбедни услови за живеење, имајќи ги предвид и ризиците од отсуството на правна сигурност на владеењето, и да се обезбеди соодветно алтернативно сместување во случаи на уривање на ромски населби. Ваквите уривања треба да бидат последно средство и треба да ги почитуваат основните принципи на владеење на правото.

Советодавниот комитет, исто така, ги повикува властите да го промовираат учењето на јазиците на малцинствата. Нивото на побарувачка за настава на турски, ромски, ерменски и хебрејски јазици во областите каде што живеат во значителен број лицата на овие малцинства треба редовно да се оценува и да се обезбеди континуитет на наставата на овие и другите јазици на малцинствата од предучилишното до високото образование. . Треба да се поттикне производството на образовни материјали на јазиците на малцинствата и да се воведе обука на наставници на универзитетско ниво, особено на ромски.

Други препораки вклучуваат употреба на јазиците на малцинствата во контактите со администрацијата и за време на изборните кампањи, како и потребата да се обезбеди тековно и ефективно учество на лицата кои припаѓаат на националните малцинства во процесите на донесување одлуки“, стои во оценката на Стразбур.