Во Бугарија има 167 села без ниту еден жител


Во Бугарија има 167 села без ниту еден жител, а  592 села без население или со едноцифрен број на жители, јави БТА, повикувајќи се на податоци од Националниот регистар на населени места на Националниот статистички институт. Податоците се за крајот на 31 декември 2021 година.

Заклучно со истиот датум, во земјата има 5257 населени места, од кои 257 се градови, 4.998 села, а има два манастира со статус на населба – Клисур и Рила.

Селата без население или со едноцифрен број на жители се за 15 повеќе од претходната 2020 година, покажуваат податоците. Вкупниот број на населени места во кои живеат еден до максимум девет лица е 425, а во 167  нема ниту еден постојан жител. Селата без население се зголемени за три во споредба со 2020 година.Во Габровскиот регион има најголем број напуштени села или села со едноцифрена бројка на жители – вкупно 163 или 3 повеќе во однос на претходната година. Во овој регион има вкупно 349 населени места, така што речиси половина од нив се или ненаселени или имаат помалку од 10 жители. Повеќето села имаат меѓу 101 и 200 жители.

Според податоците на НСИ, најбројна е групата населени места во кои живеат од 101 до 200 жители, со 747. Следува групата села со население меѓу 201 и 300 жители, која опфаќа 496 населени места. Трета по големина е групата населби со жители меѓу 301 и 400 жители, која опфаќа 408 села.

Интересно е да се забележи дека дури 2.561 село, или повеќе од половина од земјата, се поголеми од најмалиот град во Бугарија – Мелник, во кој на крајот на минатата година биле регистрирани само 171 лице.