Во болниците во Солун се хоспитализирани петмина повредени со изгореници

Атина – Секако ѝ стоиме на располагање на соседната земја. Повторно да ја изразам нашата болка, нашето сочувство до семејствата на загинатите и желби за брзо закрепнување на многумината повредени, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на помошта од Грција за повредените во трагедијата во Кочани.
Маринакис нагласи дека Грција му стои на располагање и на европскиот механизам за спасување и „ќе хоспитализира колку луѓе и да бидат потребни“.
– Досега пет лица се хоспитализирани во болниците во Солун. Доцна синоќа беа префрлени двајца повредени со изгореници во Воената болница 424, а други тројца продолжуваат да се лекуваат во болницата Папаниколау, рече Маринакис.
Потсети дека по трагичната несреќа и телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји „со координирани активности на министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и грчката служба за итна медицинска помош, Грција ги презеде сите повредени со изгореници побарани преку Европскиот механизам за цивилна заштита“.
Како што утрово објави МИА, според извори од Солун, во болницата Папаниколау се хоспитализирани две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници, двајца веќе се оперирани, додека пак на двајцата пациенти во воената болница во Солун им била извршена трахеотомија.
Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис, синоќа преку платформата Икс информираше дека „Националниот центар за брза помош е во целосна оперативна готовност за транспорт и лекување на повредени со изгореници по барање на Северна Македонија“ и посочи дека четири болници во Атина и Солун се во состојба на зголемена готовност.