Во бизнисот со енергетиката е вклучена и фирма од црната листа на САД, тврди СДСМ

Според планот за 2026 контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака треба да гради фотоволтаици во штипско


Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ

 

Опозициската СДСМ денеска објави дека Министерството за енергетика, кое го предводи Сања Божиновска, ставила фирма која е на црната листа на САД да вложува во изградба на енергетски капацитет во Македонија. „За бизнис интересот на (христијан) Мицкоски во енергетиката нема граници, ниту црната листа на САД не е пречка“, рече на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ.

Тој изнесе детали за ова, велејќи дека компанијата „Хронос сум“ е на црногорскиот бизнисмен Миодарг Давидовиќ – Дака, и според планот за 2026 таа треба да гради енергетски објект со моќност од 550 мегавати во штипско.

„Додека државната ЕСМ генерира загуби од над 100 милиони евра годишно, увозот на струја расте, граѓаните плаќаат поскапа струја власта тера црни бизниси.

Сања Божиновска подготвила бизнис со конторверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, човек кој е на црната листа на САД поради сомнежи за перење пари, поврзаност со криминални организации и офшор бизниси.

Компанијата на Давидовиќ-Дака ‘Хронос сум’  од јануари годинава  Божновска ја ставила во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, објавен од владата“, рече Димитриевиќ. 

СДСМ истражувал и дошол до сознанија дека „Хронос сум“ е дел од офшор мрежа,  со сопственост која се движи од Црна Гора, преку Панама, па повторно назад за да се прикријат сопствениците и потеклото на имотот.

„Оваа фирма поседува над 900 хектари земјиште во Штипско, наменето за изградба на фотоволтаични централи. ‘Хронос сум’ ја има основано компанијата во мај 2015 година, а веќе во август истата кога година кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт купува 900 хектари земјиште во напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци за изградба на фотолтаици. Следната 2016 година сопственоста се префрла на панамската офшор компанија ‘Адастра груп’.

Од тогаш до сега, компанијата нема започнато никаква градба. Очигледно ова е сега нов почеток на старите бизнис шеми. Бараме оваа одлука веднаш да биде поништена а Јавното обвинителство да отвори предмет и да го истражи овој случај“, рече Димитриевиќ.

Канцеларијата за контрола на странски имот на САД (ОФАЦ) во 2023 година воведе санкции за Миодраг Давидовиќ – Дака, „поради корупција и злонамерни активности“. Тогаш беа воведени санкции и за бизнисменот Бранислав Миќуновиќ поради „врски со криминал и злонамерно влијание на Русија во регионот“. Миќуновиќ почина во 2024.

Санкциите на ОФАЦ вклучуваат блокирање на средствата на санкционираните лица во САД или оние контролирани од лица блиски до нив во таа земја, забрана за трансакции со субјекти во Америка или оние под јурисдикција на САД, ограничувања за патување…

Миодраг Давидовиќ – Дака, како што беше објаснето во одлуката, со децении перел пари за криминални групи, зајакнувајќи го своето влијание и обликувајќи го својот криминален потфат што се занимава со шверц на цигари, нафта и оружје во Црна Гора.

„Неговите коруптивни активности ги олеснија напорите на Русија да ја компромитира независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучително и напорите за влијание врз резултатите од изборите“, рече ОФАЦ.