Во Битола забрзано се градат улици пред избори


Да се заврши ветеното: Градоночалничката Наташа Петровска го следи асфалтирањето на улиците

Главниот акцент на полтичката кампања во Битола е ставен на инфраструктурата. Сите кандидати зборуваат за големи проекти, а сегашната градоначалничка ги завршува работите што ги ветила

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Забрзано се работи на реконструкција на битолските улици започнати во предизборието. Се поставува нова инфраструктура, нов асфалт или се редат бекатон плочки. Градежната офанзива во делот на битолската инфраструктура трае, па се нижи бројот на обновените улици. Сепак, политичката кампања во Битола силно „удри“ на битолската инфраструктура, па кандидатите за градоначалници не го кријат незадоволството од тоа во каква состојба се битолските улици и што сѐ можеше да се направи досега. За кандидатите за градоначалник несфатливо е да се прават улици пред избори и да се асфалтира во време на сообраќајниот „шпиц“.

Општина Битола, пак, работи на ветеното и градоначалничката Наташа Петровска постојано е на терен, па граѓаните од веб страната на Општина Битола можат да прочитаат која улица е завршена, а која е во тек на реконструкција. Факт е дека најголем дел од ветените улици Петровска ги реконструира во последните две години, а годинава во последните пет месеци. Во своите досегашни изјави Петровска нагласуваше дека наследи задолжена општина, без изготвена документација за реконструкција на улици, поради што неопходно беше прво да се изготват проекти за потоа да се отпочне постапката за обнова на инфраструктурата. Меѓу изградените улици се финишира и реконструкцијата на улицата „Илинденска“ во должина од 2 километри која се правеше речиси две години, а дел од обновените улици не беа допрени повеќе од 40 години. Нов коловоз добија и неколку села, како Буково, Острец, Барешани…

„Дочекавме, по 40 години, да не ни се поплавуваат домовите на секој поголем дожд и да имаме нормална асфалтирана улица“, велат дел од жителите на улица „Кленовец“. 

Петровска пред 4 години вети реконструкција на неколку десетици улици, сепак  ветеното не го исполни во целост. Сега во ек на кампањата за локалните избори кандидатите за градоначалник на Битола на дебата организирана од МКЦ-Битола, „Форум за граѓански дијалог“, дебатирајќи на темата инфраструктура критикуваат дека добар дел од градските улици вклучително и патот за Пелистер се во лоша состојба.

„Патиштата во градот не се добри и не може да се радуваме на реконструкција на една улица од 300 метри или 500 метри, а при тоа градот да го држиме во заложништво цела година за да се направи таа улица. Мораме да бидеме поефикасни и побрзи, фирмите на реконструкција на улиците да работат  и дење и ноќе. Во Скопје улиците се асфалтираат и ноќе и сѐ се завршува за еден викенд, тоа треба да се примени и кај нас, а не улиците да се прават пред избори и во текот на најголемиот сообраќај, попладне кога сите си одат од работа па да видат дека се работи“, рече Горан Милевски, кандидат за градоначалник на Битола на коалицијата „Одлучно за промени“.

Горан Тасковски од „Македонска ера трета“, смета дека Битола не личи на град особено што се потврдува уште од самите влезови на градот.

„Кога ќе влезете во градот од која било страна, влезот не лични дека влегувате во вториот по важност и големина град во државата. Нашите граѓани имаат проблем со движењето во градот, а не само со тоа дека улиците не се асфалтирани или се полни со дупки. Под итно ни е потребна нова сообраќајна студија“, рече Тасковски.

Кандидатите сметаа дека секоја реконструкција на улица треба да биде по стандард и пропис, а не со фалинки при изведбата кои оставаат трајни последици.

„Во 21 век да зборуваме за реконструкции на улици е срамота, централното подрачје е катастрофа без решен проблем за паркирање. Ние имаме проблем со асфалтирање на улиците и да се стави нов асфалт пак ќе се сече оти се заборавил некој подземен кабел или цевка. Само ние имаме шахти да се повисоки од асфалтот или да се в дупка, пониски. Патот за Пелистер ме боли, кој турист да дојди си вели каде одам во Зимбабве?“, рече Зоран Лазаровски независен кандидат. 

Тони Коњановски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека детектирал околу триесеттина улици во градот кои треба да имаат приоритет за реконструкција.  „Досегашната реализација на инфраструктурата во градот беше стопирана 4 години, она што сега го гледаме е обид да се испегла нешто што не се правеше“, рече Коњановски.

Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Христо Кондовски, смета дека добрата инфраструктура ќе биде мотор за локален економски развој на Битола, па ветува подземна сообраќајница во срцето на Битола кај хотелот „Епинал“ за растеретување на сообраќајниот метеж во центарот на градот.

„Секој слободен денар да оди во инфраструктура Во мојата програма имам една цел – секој слободен денар да се инвестира во инфраструктура. За бизнисот планирано е улицата ‘Индустриска’ да води директно до Царината. Планираме седум кружни сообраќајници кои ќе го олеснат движењето на сообраќајот. Ќе ги реконструираме влезовите во Битола по теркот на булеварски влезови. Со овие 4 до 5 клучни точки ќе ја возобновиме Битола инфраструктурно, но ќе ги запазиме велосипедските патеки и зелената површина. За секој квадратен метар асфалт ќе добиеме и зелени површини“, рече Кондовски.