Во Битола пронајдени 1.408 пушки од Балканските војни


Регионалниот ЦУК Битола, известува дека во близина на поранешниот гарнизон во Битола, при изведување на градежни земјени работи пронајдени се 1 408 пушки од минатите балкански војни и истите се подигнати и складирани на безбедно од страна на ДЗС Битола.

Според полицискиот билтен, во понеделникот, во СВР Битола било пријавено дека во 14.30 часот во објект на Противпожарната единица, лоциран во Старата касарна, биле пронајдени 1.408 пушки со потекло од Балканските војни. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола безбедно ги подигнал пушките за понатамошна постапка.

Истиот ден, во 16.10 часот во ОВР Струга е пријавено дека во нива во атар на струшкото село Калишта била пронајдена граната од Првата светска војна со калибар од 95 милиметри. Гранатата била безбедно подигната од стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување Битола за понатамошна постапка.

Се предупредуваат граѓаните ако случајно пронајдат оружје, бомби, гранати и слични неексплодирани бојни средства (НУС) од минатите војни да не ги фаќаат и да не ги поместуваат, туку едноставно да ја пријават локацијата и виденото на 112 во ЦУК, а потоа надлежните за НУС од Системот за управување со кризи безбедно ќе ги отстранат и неутрализираат, согласно стандардни оперативни процедури.

Дополнително, ЦУК информира дека има еден пожар на отворено во последното деноноќие. Пожарникарите од ТППЕ Радовиш од 18:30 часот гаснеле до доцна во ноќта шумски пожар во с. Коџалија, над гробиштата. Била зафатена со пожарот добова шума согласно лоцираноста на пожарот од екипа од 3 вработени од Национални шуми подружница „Плачковица“ каде што теренот бил и непристапен. Дејствувањето врз пожарот во текот на денешниот ден ќе продожи.

Голема внимателност се препорачува при појавата на локалните кратки, но нагли метео промени, таму каде што ќе ги има според најавите на УХМР. Препорачано е да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита, а и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Истовремено се потсетува за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

ЦУК изразува благодарност до медиумите за брзото пренесување на предупредувањата, како и за превентивните работи, а секако и за сите итни ситуации во нашата држава и за континуираната соработка во интерес на безбедноста и посигурното живеење на граѓаните, во случајот – од аспект на кризните и итни ситуации со коишто се справуваме заедно во општеството, секојдневно.