Во Битола отворена изложба на стари фотографии „Од Ат Пазар до Дрвен Пазар“


Државниот Архив – одделение во Битола и НУ Центар за култура, во рамки на фестивалот „Илинденски денови“, синоќа во битолскиот безистен промовираа изложба на стари фотографии „Од Ат Пазар до Дрвен Пазар“, кои потсетуваат на некогашните големи пазари во овој град Ат Пазар, Житни Пазар, Мас Пазар, Ленски Пазар, Пекмез Пазар и Дрвен Пазар.

Во изјава за медиумите, директорот на Државен Архив, Димитар Богески истакна дека е горд на културно историската придобивка што произлегува од битолските пазари.

-Безистенот е еден од најпознатите објекти во Битола, а благодарение на нашата архива сакавме да овозможиме со изложба на фотографии културно да ја воздигнеме Битола. Со изложените фотографии минатото станува поблиско до денешната јавност, посочи Богески.

Изложбата на стари фотографии „Од Ат Пазар до Дрвен Пазар“ ја подготви тим на Државен Архив – одделение во Битола координиран од Димитар Ѓоргиевски, вработен во Архивот.

-Се надевам дека успеавме да доловиме еден автентичен дух на градот од почетокот на 20 век, а тоа се чаршијата и пазарите во Битола. Сржта на градот на пазарите и затоа низ изложба го прикажавме тој живот на градот од аспект на пазарите како место за секакви збиднувања, за среќавања, за бизнис, за прошетка, но и за место за вљубување бидејќи има песнописци често се мотивирале да напишат песни поврзани со пазарите. Значајно е што Битола во тоа време била економски-хаб, економски центар на трговијата и затоа изложивме ретки фотографии, некои за прв пат пред македонската јавност, нагласи Ѓоргиевски.

Изложбата на стари фотографии „Од Ат Пазар до Дрвен Пазар“ поместена во битолскиот Безистен ја отвори директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски кој на синоќешната свеченост во Битола рече дека претставува точка на поврзување како што е и мотото на фестивалот „Илинденски денови“.