Во Битола и власта и опозицијата со иста понуда и ветувања  

Во кампањата сите кандидати заиграа на иста карта – Не за депонија во Пелагонија. Извесно е дека ќе има втор круг на изборите за градоначалник


Битола (Фото: Б. Грданоски)

 

БИТОЛА –  Од анонимуси до веќе видени лица, од аџамии до стогодишни, од уки и неуки, до фамилијарни и колегијални листи и какви не уште споредби може да се направат за кандидатите за градоначалници и советници за претстојните локални избори во Битола.

Едно е највпечатливо за оваа изборна кампања во Битола, а тоа е што најголемиот дел од претендентите заиграа на иста карта – Не за депонија во Пелагонија! Лицемерието е уште поголемо од оние политички субјекти кои партиципираа во досегашниот состав на Советот и кои едногласно ја гласаа изградбата на современата депонијата за 18 пелагониски општини на локација во Новаци. Сега истите тие „мамат“ гласачи дека ќе распишеле референдум, ќе ги прашале битолчани дали сакаат депонија во Новаци само да добијат глас повеќе.

Кусо кажано, ако кандидатите вака прават сега, еднаш гласаат, а подоцна за да ловат гласови се откажуваат од гласаното, тоа зборува за какви профили на политичари треба да се определат битолчани и да им ја дадат довербата да го водат градот.

Она што е впечатливо е дека на овие избори нема различна понуда, идентично  настапуваат и опозиционерите и власта. Сите ја гледаат Битола како зелен град! Битола само што доби велопатеки сега сите ветуваат нови велопатеки. И едните нудат подобрување на градскиот превоз и другите, и едните нудат чиста Битола без депонии и другите. И двете страни ветуваат ново решение за бездомните кучиња. Сите ја засакаа спортска Битола, дури и критичарите на ракометната платформа. На овие избори кандидатите го заборавија чистиот воздух, што редовно беше адут за глас повеќе, го заборавија економскиот развој, празните училишни клупи, иселувањето, сериозниот недостаток со вода за пиење поради големата суша и можните решенија.

Граѓаните на конзулска Битола на овие избори ќе имаат можност да избираат меѓу 8 кандидати за градоначалници и дури 496 кандидати за советници.

Од политичките партии: ВМРО-ДПМНЕ ја бара довербата од граѓаните за лекарот Тони Коњановски да продолжи со втор мандат, СДСМ го има новинарот и поранешен пиар на РЕК „Битола“ – Методија Куновски, Демократи Скопје – Јорго Огненовски кој е редовен кандидат на сите претходни избори, а ТМРО се определи за Ќире Димов, непознат лик за политичката јавност во градот.

Како независни настапуваат досегашната претседателка на Советот на Општина Битола – Габриела Илиевска, архитектот и поранешен директор на Завод и Музеј Битола, Зоран Николовски, инаку јавно поддржан од Левица, независниот кандидат Васко Деловски досега невиден на политичката сцена во градот, исто како и Мирјана Мирчевски од Македонска Ера Трета.

Јавноста најголем дел од кандидатите за прв пат ги виде на телевизиските дебати и имаше шанса да слушне за нивните планови за Битола, па паднаа многу шеги и анегдоти на сметка на кандидатите, особено за оние со познати прекари меѓу битолчани како Коњо, Крто, Куната, Габата, Паљото…

Како никогаш досега трката за советник стана претесна за близу 500 кандидати од 16 советнички листи, што од партија, што независни. Она што одекна во јавноста е дека највозарсниот битолчанец кој ќе се бори за влез во Советот има 97 години, а битолските сеирџии прашуваат – дали потенцијалниот советник знае дека е кандидат за советник? Ситуација што можеби ја потценува сериозноста на институцијата Совет на Општина Битола. За место во советот се борат и четворица млади само што станале полнолетни.

Предизборните прогнози се дека во водство е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски, и иако партијата оди на девизита дека Коњановски ќе победи во прв круг, шансите за тоа се сѐ помали, оти висока е бројката на гласови за да се реши се во првиот круг. Битката ќе продолжи во вториот круг од изборите, а како можни кандидати кои ќе му се спротивстават на Коњановски се или социјадемократот Методија Куновски или независната Габриела Илиевска.

Засега според анкетите Куновски и Илиевска се во речиси изедначена трка.

Прашањето е колку СДСМ ќе успее да го покрене членството да излезе на гласање, и колку ќе успее лидерот Венко Филипче да ги разобличи сопартиците „некогашни блиски соработници“ кои работат „зад грбот“ на партијата, а во интерес на независните, да ги врати на колосекот, додека не станало доцна.

Габриела Илиевска се изгради како политичар и опстои 12 години во Советот на Општина Битола, почнувајќи како партиски човек на ВМРО-Народна, па беше жесток критичар на екс-градоначалниците Владимир Талески  и Наташа Петровска, за во последниот мандат да направи такви претумбации и прво да седне на претседателското место со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Коњановски, а по една година да се сврти против нив и да делува во неоформална коалиција со СДСМ.

Накратко кажано, Коњановски е извесен, а од понатамошните настапи ќе зависи дали Куновски или Илиевска ќе го трчаат вториот круг за градоначалник.

Што се однесува до листата за советници таму ситуација е многу интересна и неизвесна. Главен впечаток е дека идниот битолски совет ќе биде многу пошаренолик од досегашниот. Прогнозите се дека никој од партиципиентите нема да има мнозинство од 16 советници од вкупно 31 место во Советот. Значи, поголемите партии ќе зависат од помалите и без коалиции нема да има можност никоја од нив да го води Советот.

Локалните анкети велат дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори би требало да добие 13 советници, а СДСМ околу седум. Ако на претходните локални избори независната иницијатива „Поинаку“ беше трета политичка сила во Советот со тројца советници сега лончињата се мешаат бидејќи спроти изборите нивни поранешни поддржувачи формираа своја граѓанска иницијатива ГРИН и извесно е дека ќе одземат дел од гласачите на „Поинаку“. Па, така, прогнозите се дека ГРИН и „Поинаку“ би имале по двајца советници во Советот. Левица на овие избори се очекува да има најмалку тројца советници и да е во нагорна линија по бројот на гласови.

Од албанскиот блок свои листи имаат и ДУИ и „Вреди“. Во Битола гласачкото тело на Албанците се движи околу 2.200 гласови, па неизвесно е дали една од овие партии ќе влезе со советник во Советот, особено ако се поделат гласовите. Досега ДУИ имаше еден советник.  

Најголемата битка за помалите партии и независни групи е како да освојат глас повеќе. Прогнозите се дека ЗНАМ и ЛДП ќе земат по еден советник. Останува да се види кој од останатите со листи на советници ќе земат еден советник.

Сепак, според анкетите голем дел од гласачкото тело, над една третина сѐ уште не се одлучиле за кого ќе гласат, а има граѓани кои јасно одговараат дека нема да излезат да гласаат на овие избори.