Во Битола група „Шкорпион“ ќе ловела педофили

БИТОЛА – Битолчани на социјалните мрежи објавуваат видео на кое возрасен маж признава дека договорил средба со 14 годишно девојче. Мажите што го „уловиле“ наводниот педофил јасно го разоткриваат неговиот идентитет. На Фејсбук, битолчанка која тврди дека е дел од група „Шкорпион“, со име и презиме и со фотографија ги објавува „уловените“ мажи кои наводно комуницирале со малолетнички, па дури ги објавува и скриншотовите од комуникацијата.
Битолчанката јавно повикува: „Ова е групата ‘Шкорпион’ која ќе се бори против педофилите низ Битола и која ќе ги лови. Не сте сами монструми! Од денес ‘шкорпионите’ ви се зад петици. Ќе биди чувано секое училиште, парк, собиралиште на деца. Секаде ќе бидеме присутни“, пишува битолчанката Б.М. на Фејсбук.
Споделувањето на видеото ги вознемири битолчани, па побаравме информација од Основното јавно обвинителство во Битола од каде повикуваат граѓаните да не ја преземаат правдата во свои раце.
„Основното јавно обвинителство Битола е известено за ваквите појави и презема дејствија за целосно расчистување на случаите и одговорноста од сите аспекти. Апелираме до сите граѓани кои имаат сознанија за кривични дела да ги пријавуваат во надлежните институции – МВР или јавните обвинителства и да не се обидуваат да ја преземаат правдата во свои раце“, изјави Обвинителството од Битола за „Независен“.
Дел од медиумите пишуваат дека организацијата „Пантер“, позната по своите акции за лов на педофили, сега се прошири и во Македонија.
Групата, активна во регионот на поранешна Југославија, ги интензивира напорите за спречување на сексуалната експлоатација на деца. Групата делува на територијата на Босна, Србија, Хрватска, а ова е прва акција во Македонија. (А.Б.)