Во Берлин средба Хавесто – Чавушоглу за членството на Финска во НАТО


– Министрите за надворешни работи на Финска и на Турција, Пека Хавесто и Мевлут Чавушоглу вечерва ќе се сретнат во Берлин и ќе разговараат за членството на Финска во НАТО.

– Сигурен сум дека ќе пронајдеме решение, изјави Хавесто пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Берлин.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган вчера изјави дека внимателно ги следи случувањата во врска со можното членство на Финска и Шведска во НАТО, но оти нема позитивно мислење за тоа.

– Немаме позитивно мислење. Скандинавските земји се како гостинска куќа за терористички организации, истакна Ердоган.

Додека советникот на Ердоган за надворешна политика Ибрахим Калин денеска  изјави дека Анкара „не ја затвора вратата“ за приклучување на Финска и на Шведска во НАТО.

– Турција не ја затвори вратата за влез на Шведска и на Финска во НАТО, но сака да преговори со тие нордиски земји и сузбивање на терористичките активности, посебно во Стокхолм, наведе Калин.

Тој додаде дека тоа е значително прашање за безбедноста на Турција.