Во август јавни презентации на студиите за брзата пруга, изградбата почнува на крајот на годината


Одлично се одвива подготовката за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, следуваат јавни презентации за студиите по што и изработка на договорите за финансирање и за изведба и презентација на условите за финасирање пред Собранието – информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. 

Тој потврди дека рокот за почеток на работите останува крајот на годината, како што изјави претходно премиерот Христијан Мицкоски. 

– Одлично се одвива подготовката за изградба на Коридорот 10. Изработката на еколошката студија и на студијата за влијание врз социјалната средина е готова. На почетокот на август ќе има јавни презентации, ќе има најмалку четири – во Скопје, Велес, Демир Капија и во Гевгелија, каде што ќе може локалното население да се запознае. Се работи навистина за квалитетен документ од речиси 1.600 страници, кој ги опфаќа сите аспекти. Потоа на него се прави ревизија, односно се вклучуваат коментарите на локалното население и во согласност со договорот што го имаме, до 31 август оваа работа треба да биде завршена по што би влегле во конкретизирање и пишување на договорите за финансирање на проектот и за изведба на проектот. Сè е според планот како што најавив – изјави Николоски на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода. 

Прашан за детали за финасирањето, укажа дека во согласност со домашните закони условите ќе бидат јавно презентирани во Собранието и оти дотогаш не може да се споделуваат со јавноста .