Во Албанија се помасовни протестите против Зврнец, се проширија и во дијаспората


Се помасовни се протестите во Албанија против изградбата на луксузен ресорт во Зврнец и островот Сазан.

Во Тирана синоќа на главниот плоштад се одржа седмиот по ред протест, на кој четири часа учесниците го изразуваа своето противење за проектот, порачувајќи дека „Албанија не е на продажба”.

Учесниците меѓу кои и културни работници дури и новинари, побараа  оставка на владата, укинување на статусот и законската рамка поврзани со стратешките инвеститори,  поништување на измените на Законот за заштитени подрачја и измените на Законот за културно наследство.

Претходно во текот на денот, протести се одржаа и во областа Звернец, кај Валона, во Скадар, Корча, а според медиумите и во Њујорк, Лондон, Фиренца и Атина, каде на албанските иселеници има се придружиле и Грци и Пакистанци.

Премиерот Еди Рама и понатаму стои зад стратешката инвестиција на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Да не беше Кушнер повеќето од вас немаше ни да знаат каде се наоѓа Сазан на мапата, а уште помалку ќе зборувавте за неговиот развој. Наместо да го користиме овој момент за историски напредок, ние се соочуваме со блокади од луѓе кои немаат никаква визија – изјавил Рама, не отстапувајќи од реализацијата на проектот тежок над 4 милијарди евра.

Тој претходно обвини дека за протестите стои Иран, а индиректно и Грција и Србија.

Координаторот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Тајланд Бала, објави фотографија на автомобил со српски регистарски ознаки, наведувајќи дека „демонстранти се носат дури од Србија”.

Веднаш потоа албанските новинари го демантираа посочувајќи дека станува збор за автомобил на регионалната канцеларија на Ројтерс  во Белград.

Албанскиот премиер Еди Рама завчера изјави дека „нема причина за загриженост“ и дека проектот сèуште не е одобрен. Тој нагласи дека „најдобрите експерти“ во светот се „мобилизирани“ и дека целта е „да се создаде нешто уникатно“.

Во март 2024 година, Џаред Кушнер потврди инвестициски план за трансформирање на островот Сазан, поранешна тајна воена база покрај лагуната, во луксузна туристичка дестинација. Сепак, откако Иванка Трамп ја посети оваа област оваа зима, во придружба на инвеститори, се зборува за изградба на луксузни хотели во лагуната Вјоса Нарта.