Во акцијата за спасување на пилотот загинале неколку американски војници, тврди Иран


Неколку американски војници загинале за време на операцијата за спасување на екипажот на соборениот американски борбен авион во Иран, јавува иранската агенција Тасним, повикувајќи се на извори, додавајќи дека се уништени неколку авиони на американската армија.

Во исто време, кинеската телевизиска мрежа CGTN потврди дека неколку американски војници ги загубиле животите во обидот за евакуација на екипажот на авионот.

Според CGTN, извори од Централната команда на американската армија (CENTCOM ) потврдија дека не еден, туку два авиона и два хеликоптери од 160-та воздухопловна единица на американската армија се уништени во Иран.

Станува збор за авиони од типот HC-130J и MC-130J, а сите авиони беа уништени на земја, бидејќи поради големите штети претрпени во битките, како резултат на интензивен оган од лесно и тешко оружје, како и минофрлачи, тие повеќе не беа способни за лет.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денес објави дека американските сили спасиле член на екипажот на борбен авион Ф-15, кој бил сериозно повреден откако се урна над Иран.

Трамп на својата социјална мрежа Truth Social изјави дека пилотот е пронајден „длабоко во планините на Иран“ и дека иранските сили се во близина.

„Иранската војска постојано го бара, во голем број, и се приближува кон него. Тој е многу почитуван офицер. Ваков тип на операција ретко се обидуваат поради опасноста за луѓето и опремата. Едноставно не е направено“, се вели во соопштението на Трамп.

Американскиот претседател потсети дека еден американски пилот претходно бил спасен „сред бел ден“.