ВМРО-ДПМНЕ веќе почна да му наштетува на Панче Тошковски

Адвокатот кој стана министер внимателно вели дека процесот за Онкологија го води обвинителството, но неговата партија побрза приведувањата да ги припишат како заслуги на Панче Тошковски. И да го стават во непријатна позиција


 

Кој има вистинска оценка за работата на еден министер – самиот тој, партијата што го предлага или јавноста. Адвокатот Панче Тошковски, кој сега е министер за внатрешни работи во техничката влада, ги знае процедурите во правосудниот систем, се разбира и кога се во прашање истрагите. И дека „командант на целата парада“, според законот, е јавното обвинителство.

Затоа вчера беше многу внимателен, а и прецизен, да не ја презема работата на обвинителството во случајот со приведувањата на вработени од Клиниката за онкологија.

Гостувајќи на Сител адвокатот Тошковски, кој сега е министер за внатрешни работи, ги кажа единствените можни работи: „МВР постапува по наредба на Основното јавно обвинителство, се преземаат сите мерки кои што треба да се преземат, а надлежноста за целиот процес е на ОЈО. Јас настапувам од позиција на министер за внатрешни работи. Шеф на целокупниот процес е ОЈО. Излегоа, дадоа образложение, тоа е сѐ што можам да кажам во делот на самиот процес“.

Но неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска побрза да не биде внимателна, ниту прецизна, ниту одговорна како адвокатот Тошковски кој сега е министер. Акцијата што вчера ја спроведуваше обвинителството и во која учествуваше полицијата по неколкумесечна истрага, партијата му ја припиша на адвокатот кој стана министер. И дека тој уште вториот ден од преземањето на должноста тргнал храбро во справувањето со криминалот. Заедно со техничката влада на чие чело е Талат Џафери.

„Првиот работен ден новиот министер за внатрешни работи тргна во решавање на Онкологија. Прашањето е, зошто овој случај се ставаше под тепих?… Едноставно се чекаше техничка влада и технички министер да се размрдаат работите. А, постапката за откривање на случувањата на Онкологија требаше да биде завршена уште вчера“.

Не е важно обвинтелството, не е важна неговата истрага, не се важни ни десетиците сослушани сведоци, важно е дека новиот министер веќе вториот ден тргнал во „крстоносна војна“ против криминалот. Дури и кога не е точно, како што изјави самиот Тошковски.

Со ваква глорификација на сопствените партиски кадри и тоа во ситуации кои немаат никаква врска, ВМРО-ДПМНЕ е на пат брзо да му нанесе повеќе штета отколку корист на Панче Тошковски, адвокатот кој стана министер и кој најави дека строго ќе внимава да се почитува презумпцијата на невиност, како и законитоста на постапките. Она за кое што со години ги застапува своите клиенти во судниците.

Вака, ВМРО-ДПМНЕ ќе му постави на грбот на Тошковски три товари и ќе ја подготвува јавноста дека адвокатот кој стана министер работите почнува да ги решава за ден или два. Ако поминат три дена јавноста веќе ќе прашува што е со ефикасноста на Тошковски.

И се разбира, негативниот одиум, ќе се префрли врз адвокатот кој стана министер за внатрешни работи и кој ќе бара да се почитуваат сите правни постапки. Ако замижи барем на едно око за целата правна процедура тогаш министерот за внатрешни работи ќе се стави во опасност да ги фрли во вода сите негови принципи и залагања од времето кога беше адвокат. И страсно ги застапуваше своите клиенти во судниците. (Н.В.)