ВМРО-ДПМНЕ: Секое четиричлено семејство од 2021 ќе должи по 16 илјади евра


Почнувајќи од годинава па натаму, секое четиричлено семејство во државава ќе должи по 16.000 евра, пресмета опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја обвини владата за зголемување на јавниот долг и за нерационално трошење вака земените средства.

„Околу 8 милијарди евра или близу 64 проценти ќе достигне јавниот долг годинава, согласно проекциите на министерството за финансии во Стратегијата за управување со јавен долг 2022-2026. Владата веќе тргна да им ги наплатува овие пари преку ‘зелени’ такси и даноци кои оваа и следната година ќе се воведат за граѓаните и фирмите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите.

Од таму додават дека за наредната година Владата планира да го зголеми јавниот долг на над 8,5 милијарди евра што е 66 проценти од БДП.

„Тоа се 6 процентни поени над Мастришкиот критериум за јавен долг. Тоа е речиси двојно од состојбата која ја затекна владата на СДСМ во 2017 година. Изминативе години освен редовните аукции на Министерството за финансии, кредити кај домашните банки и меѓународните финансиски институции, се земаа и еврообврзници по рекордни суми„, велат од опозициската партија. 

Според нив, најголемиот проблем е на што одат овие пари, при што, како што наведуваат во соопштението капиталните инвестиции потфрлаат со реализација од околу 20 отсто за половина година, а од друга страна секојдневно има нови партиски вработувања во државната администрација и „небулозни јавни набавки“.