ВМРО-ДПМНЕ се нафрли на Амар Мециновиќ и Левица

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, денеска се најде на листата на отстрел на ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија преку соопштение него го смести во комплот со СДСМ и ДУИ за заедничка работа против Орце Ѓеорѓиевски.
„Јасно е дека кандидатурата на Амар Мециновиќ е дил на Левица за помош на ДУИ и СДС, со математика Орце Ѓеорѓиевски да не победи уште во првиот круг.
Затоа Левица не можеше да најде ниту еден друг кандидат и никој друг не се нафати за кандидат за градоначалник за Скопје, па затоа го кандидираа пратеникот Амар Мециновиќ.
Го прашуваме Мециновиќ со оглед на тоа што Димче Апасиев бараше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се кандидати за градоначалници да си поднесат оставка дали Мециновиќ ќе си поднесе оставка од пратеник бидејќи е кандидат за градоначалник“.
Паралелно со ова соопштение пратеникот Миле Лефков држеше прес-конференција на која го напаѓаше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и неговата сопруга.
„Сопругата на Димитар Апасиев, која земала пари од владата на СДС, преку програмата Еразмус+, лажела за својот ангажман на настанот во Грција за кој земала пари.
Скандалозно е тоа што во својата биографија, Тамара Јованов Апасиева наведува дека на овој настан во Грција била ‘лектор и учесник’. Но официјалните документи кажуваат друго – била само учесник, а не и лектор. Дали сопругата на Апасиев намерно пишала дека е лектор, за да земе повеќе средства или, пак, тоа го направила неосновано да ја збогати својата биографија?
Зошто сопругата на Апасиев лаже во својата биографија?“, рече Лефков.