ВМРО-ДПМНЕ разочарани што СДСМ не го честиташе Денот на македонската револуционерна борба


ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение изразува длабоко разочарување од, како што велат, односот на СДСМ кои денес не најдоа елементарна државничка сила да испратат честитка до граѓаните по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

„Овој потег на СДСМ покажува целосно непочитување кон историските вредности и борбата на македонскиот народ за слобода и независност. Каде е СДСМ да го честита празникот, или можеби и натаму Венко Филипче размислува како претходниот Зоран Заев дека Бугарите биле администратори, а дека македонскиот јазик не постои? Дали навистина СДС сметаат дека македонската држава се создала без никаква борба и жртва, како што тврдат во Бугарија и како што кажа Заев.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на одржувањето на овие свети идеали и на чувањето на македонскиот идентитет и национално достоинство. Ги повикуваме граѓаните да се обединат околу вредностите кои нè поврзуваат и да продолжат да ја слават борбата за слободна и суверена Македонија, бидејќи револуционерниот дух е жив и борбата за нашата татковина продолжува“, се вели во партиското соопштение.