ВМРО-ДПМНЕ планира да спречи средното образование да стане незадолжително

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинува дека Владата сака да го укине задолжителното средно образование за учениците, односно тоа да стане незадолижтелно.
– Во неможност да го модернизираат, на СДС и ДУИ полесно им е да го укинат задолжителното средно образование. Нешто што во минатото беше задолжително и бесплатно, го направија неквалитетно, а сега ќе стане и незадолжително. Владата на Ковачевски размислува за укинување на задолжителното средно образование, а образложението е дека тоа е добро за економијата во државата. Како не едуцирани граѓани ќе бидат од корист за државата? Замислете, ова е ставот на владините министри во време кога светот го движат и развиваат интелектуалци и колку повисоко и поквалитетно образование имаш, толку повеќе си ценет – вели Драган Попоски, член на комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозцијата велат дека наместо средното образование да се подобри, фокусот да биде ставен особено на дуалното образование со кое би се насочиле и квалификувале нови кадри, се размислува за незадолжително средно образование.
Ветуваат дека оваа идеја ќе биде спречена.
Инаку, со оваа идеја пред една недела излезе министерот за економија, Крешник Бектеши кој рече дека навистина треба сериозно да се размислува, во интерес на економијата, дали средното образование треба да биде задолжително кај нас.
„Мораме искрено да кажеме дека сите се соочуваме со исти проблеми и навистина мора да почнеме да правиме избор кој ќе има корист за економијата во целина. Зборуваме за невработеност од 13 или 14%, ако ја погледнете структурата на невработените ќе забележите дека се фиктивни бројки, само ако ја погледнете структурата без да навлегувате во детали, додека целата економија се соочува со недостаток на работна сила, да не зборуваме и за тоа колку се квалификувани и подготвени да влезат на пазарот на труд кај нас“, рече Бектеши.
Исто така, министерот Бектеши додаде дека Министерството за образование, економските ресори, вклучително и Стопанската комора, треба сериозно да размислат дали да продолжиме со задолжителното средно образование или целосно да го смениме делот што ќе биде во интерес на стопанството.
– Во принцип, можеби тој момент не е во интерес на родителите, но среднорочно и долгорочно, убеден сум дека тоа ќе биде во интерес на државата“, порача министерот.
Задолжителното средно образовие е воведено од 2008 година.