ВМРО-ДПМНЕ: Откривањето на возилото на МВР со дрога е институционализација на криминалот
ВМРО-ДПМНЕ го нарече институционализација на криминалот откривањето дрога во автомобил на МВР од страна на црногорските граничари.
-Министерот Спасовски очигледно ќе релативизира и ќе префрла одговорност, на крај можеби ќе кажат дека дрогата сама се ставила во возилото, но нека не заборави дека од 2015 е министер,со мал прекин додека беше премиер.
Морална одговорност нема да бараме, знаеме дека тоа е несвојствено за функционерите на оваа гарнитура на СДСМ.Човек да се чуди како овие луѓе наоѓаат леснотија во неодговорноста! Нека си продолжат и тој, и партискиот шеф на комисијата за безбедност (кој во моментов е државен секретар во МО), во работно време со службени возила да си тераат партиска кампања, стои во реакцијата на портпаролот Димче Арсовски.
Претходно од МВР изјавија дека вработените во МВР, кои се наоѓале во возилото во кое имало бункер со марихуана, се веќе вратени во Скопје и немаат никаква врска до дрогата. Станува збор за вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, кои на 22 септември тргнале на обука во Црна Гора и за службеното патување задолжиле возило од автопаркот на МВР. Се работи за возило кое, според објаснувањето, Министерството го добило од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од Царинската управа во акција за сузбивање трговија со дрога пред пет години. Вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата, туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пак е отстапено на МВР. Оттаму додаваат дека за целиот случај го известиле и нашето јавно обвинителство за да постапува понатаму и да го расчисти случајот.