ВМРО-ДПМНЕ одреди и датум за предвремени избори – средината на мај

Според предлогот на партијата, веќе во февруари би требало да се формира техничка влада


Фото: Б. Грданоски

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму притиска за предвремени избори. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите што биле поканети рекол дека ВМРО-ДПМНЕ предлага предвремените парламентарни избори да се одржат на 14 или 21 мај следната година. Овие избори, според партијата, би значеле ресетирање на системот и воведување поголема стабилност. Согласно овој тајминг, во февруари би се формирала техничка влада за да се фатат тримесечните рокови.

Според она што го пишуваат медиумите што биле на брифингот, Мицкоски ја презентирал најновата анкета на ИПСОС, според која власта има мала поддршка. Оваа анкета покажала дека доколку сега има избори ВМРО-ДПМНЕ ужива поддршка од 19,4 отсто или 348.000 гласа. СДСМ би имал 11,7 % или 210.000 гласа, ДУИ 6,4 % односно 115.000 гласа, а Левица 6,7 % или 120.000 гласа. Анкетата на ИПСОС била теренска и се спровела од 2 до 12 декември.

Бидејќи коалициските партии во власта се против избори пред редовните во 2024, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе бидат креативни во изнаоѓање начин за одржување на тие избори.

Ставот на партијата околу уставните измени останува непроменет – нема да ги поддржат. Според она што било кажано на брифингот, како што пренесува МИА, ВМРО-ДПМНЕ го поддржува членството во Европската унија и оти доколку има избори детално во нивната предизборна програма ќе наведат како земјава ќе продолжи по тој пат.

Во врска со најавите на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека од следната недела ќе почнат интензивни разговори за спроведување на измените од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека тие немаат проблем да учествуваат на такви средби доколку бидат поканети, но оти на нив ќе го повторат ставот којшто веќе е познат во јавноста.

Во врска со тоа кого би сакале да видат како свој партнер во идната влада од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа би биле опозициските албански партии за кои иако се согласуваат дека ја немаат силата која што во моментов ја има ДУИ сепак сметаат дека постои големо незадоволство и кај гласачкото тело на етничките Албанци кои веруваат дека би поттикнале одредени промени во таа насока.

На брифингот било кажано дека партијата смета оти претседателските избори ќе бидат неуспешни, но сепак не наведуваат дали ќе учествуваат на нив нагласувајќи дека сите одлуки се носат со меѓупартиски консензус, а во моментов консензус има за предвремени избори.