ВМРО-ДПМНЕ обвинува за 9 милиони евра злоупотреби со екстралесната нафта


Речиси 9 милиони евра изнесува профитот што се остварува со злоупотреба на продажбата на екстра лесното гориво во Македонија, обвини денес на прес конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Државата има потреба од 5 милиони литри екстра лесно гориво, а се увезуваат 55 милиони литри. Каде завршуваат останатите 50 милиони!? Односно близу 9 милиони евра!? Сума која се добива откако 50 милиони литри ќе се помножи со 11 денари, колку што изнесува заработувачката од екстра лесното гориво“, рече Мисајловски.

ВМРО-ДПМНЕ застана зад делот од предлогот на Стопанската комора на Македонија за изедначување на цената на екстралесната нафта со цената на дизел горивото, но е категорички против другиот дел од предлогот на комората за зголемување на акцизата на нафтените деривати. Владата, пак, прифати да се зголеми акцизата на дериватите, не за два денари како што предлагаше комората туку за три денари за литар, но не и да се изедначи цената на екстралесното гориво со онаа на дизелот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со зголемените акцизи за горивата на секое просечно семејство им се одзема една просечна плата од семејниот годишен буџет. Зад зголемување на акцизата стојат и поедини бизнис интереси, тврди партијата, но до сега не понуди поконкретен аргумент за да го поткрепи ова тврење.

Даночни експерти велат дека акцизата е давачка која директно се слева во Буџетот и не оди на сметките на компаниите. Дури, како што велат, поради зголемената акциза, која заедно со ДДВ-то може да влијае на намалување на прометот, па тоа би одело директно на штета на компаниите, што е спротивно на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку вчера, владиниот портпарол Муамет Хоџа, одговарајќи на новинарско прашање зошто не се изедначи ценаата на екстралесната нафта со дизелот, образложи дека законски е веќе забранета продажбата на т.н. црвена нафта, како и дека зголемувањето на акцизите е антикризна мерка која е временски ограничена.

Вчера и една од најголемите нафтени компании во земјава, скопски „Макпетрол“, реагираше на одлуката на Владата да го игнорира предлогот за изедначување на акцизата на ЕЛ-1 со дизелот.

Од таму сметаат дека институциите и Владата должат објаснување што покажуваат анализите и бројките на предлогот за зголемување и изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и дизелот.

– Додека државните институции имаат проценки дека со изигрување на сегашната правна рамка на пазарот како гориво за транспорт завршуваат околу 50 милиони литри екстра лесно гориво за греење, државата не презема мерки за сузбивање на сивата економија. Статистиката покажува дека годишно се увезуваат 55 милиони екстра лесно гориво, а реалната потрошувачка е пет милиони, вишок остануваат 50 милиони од ова гориво. Државата губи по повеќе од 11 денари од литар екстра лесно гориво што се користи за транспорт, стои во соопштението.

Од таму прашуваат на кого во државата му одговара криминалот со „црвената нафта“, зошто се уште масовно се троши екстра лесно гориво кога е завршена грејната сезона и за тоа зошто државата ја дозволува сивата економија.

Потенцираат дека злоупотребата на екстра лесното гориво прави штета на буџетот на државата, на животната средина и на конкуренцијата. Тоа содржи 100 пати повеќе сулфур од обичниот дизел и е сто пати поголем загадувач.

Од друга страна, денес прес конференција одржа и Коста Петров, потпретседател на СДСМ, на која зборуваше за потребата да се зголеми акцизата на дериватите за три денари.

Станува збор за антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво“, трече Петров додавајќи дека трите денари од повисоката акциза за нафтените деривати одат директно во Буџетот за поддршка на стопанството, социјалните мерки за поддршка на граѓаните и за поддршка на нашиот здравствен систем.

Петров воопшто не се осврна на прашањето за екстра лесното гориво.

Инаку, разликата во цената помеѓу ЕЛ-11 и дизелот доаѓа токму поради различната акциза што се пресметува за двата енергенси. Едниот е наменет за греење на домаќинствата, но често се злоупотребува како погонско гориво за дизел возилата. Според вчерашнаата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, акцизата за дизел горивото (ЕУРОДИЗЕЛ БС) е 18,121 денари за литар, додека за маслото за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) изнесува 9,136 денари за литар. (М.Ј.)