ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски пред да влезе во политиката има добро заработено во енергетиката
За владејачката партија неврохирургот Венко Филипче бил никој и ништо пред да се занимава со политика
Работејќи во бизнис секторот на енергетика пред да влезе во политиката Христијан Мицкоски има добро заработено соработувајќи со познати светски фирми, одговара ВМРО-ДПМНЕ околу наводите дека нивниот лидер има многу скап часовник, меѓу најскапите од лидерите на НАТО.
„СДС изгледа мислат дека имаат многу јака тема за соопштение, па се фатија за вредноста на часовниците на претседателот Мицкоски.
Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, нешто коешто тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено.
Тоа е сѐ до моментот пред да влезе во политиката, каде што престанува со каков било вид бизниси и работење за приватни фирми. И што е најважно, сѐ е чесно, транспарентно и до детаљ објаснето за неговите примања што ги имал.
Од друга страна пак, го имаме Филипче и Заев, едниот хирург, другиот земјоделец од Муртино, кои пред да влезат во политиката се никој и ништо, а по нивното владеење или сѐ уште активно појавување во политиката, се здобија со куќи во Нерези, станови и згради во Дубаи, акции во индиски авиокомпании, фирми во и надвор од државата со сомнителен капитал, подароци од фирмите што добивале тендери во вид на автомобили, проценти од тендери, договори и слично.
Е ова е разликата помеѓу претседателот Мицкоски и Филипче и Заев. Тоа што овие двајца од СДС од голтари станаа милионери со помош на власта, а претседателот Мицкоски има заработено чесно и на лесно проверлив начин може да се види како заработувал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.