ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Каракамишева… кој сѐ го оспорува Законот за јазиците


 

Тринаесет субјекти и поединци имаат поднесено претставки до Уставниот суд во 2019 година за укинување на Законот за јазиците, како во целост, така и и на одделни негови членови. Меѓу нив се две политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и Светскиот македонски конгрес. 

Меѓу поединците кои поднеле претставки се професорите Тања Каракамишева и Јове Кекеновски, сегашниот владин координатор за високото образование Солза Грчева, а има и помалку познати лица. Тие се Ивица Ефремеов и Стив Ангеловски во една претставка, Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодорвски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.

Одлуката на Уставниот суд, која се очекува на седницата во среда, 11 декември, е една од политички најкомплицираните за овој негов состав. Не може да се прејудицира каква ќе биде одлуката, но веќе неколку месеци таа се претставува како одреден меѓник во одхносите меѓу етничките заедници.

Додека ДУИ постави шатори пред уставниот суд во она што тие го нарекуваат „стража за јазикот“, коалицијата „Вреди“, која е дел од владата, е во исклучително комплицирана ситуација. Доколку Уставниот суд го укине законот, за што претставка има поднесено нивниот многу поголем партнер во владата, ВМРО-ДПМНЕ, таа ќе се најде во исклучително комплицирана ситуација.

Лидерите на коалицијата одржале состанок и по него оттаму соопшија дека главен виновник за сегашната ситуација била ДУИ и дека Албанците не требало да стравуваат бидејќи албанскиот јазик ќе бил „заштитен“, но не кажаа како.

„ДУИ го изгласа Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспори законитоста на три члена од Законот. Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик“, рече Саранда Имери–Стафаи.

Таа не соопшти за деталите од средбата на коалициските лидери, но ја обвини ДУИ дека пресема сценарија на Никола Груевски и дека сега било време да добијат црвен картон.

Додека го чекаат „црвениот картон“, Претседателството на ДУИ денеска одржа вонредна седница, по која Арбер Адеми рече дека на стражата пред Уставниот суд ќе дојде ја земе својата „смена“ и лидерот на партијата, Али Ахмети. На овој протест преку „стража“ се приклучија и другите партии од Европскиот фронт.

Според она што го пишува судијата известител во својот реферат, а до кого дојде „360 степени“ не се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во целина и се аргументира дека тој е втемелен во Уставот.

„Судот да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците“, стои во препораката на судијата известител. „Содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандамнот V на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите“, пишува во рефератот. (Н.В.)