ВМРО-ДПМНЕ ја нападна претседателката на ЛДП, Моника Зајкова
Вчерашната расправа во Собранието за новите измени на Кривичниот законик донесоа политичк динамика која можеби не беше очекувана: претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, рече дека е срамно по 18 месеци замајување на јавноста и на граѓаните дека ќе има целосно нов кривичен законик, да стигне предлог кој е само козметичка измена.
На ова промптно реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за политички систем, Љупчо Пренџов, која ја обвини Зајкова дека правела кворум кога се носеа претходните измени на Кривичниот законик. Иако токму пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го обезбедија кворумот и од измените членови на партијата имаа најголема корист.
„Осумнаесет месеци се ветува целосно нов КЗ, се зборува за реформи, за европски стандарди, за правда, а денес пред нас имаме предлог што воопшто не ја менува суштината и воопшто не е нешто поразличен од она што веќе постои. И ова не е реформа и не може да го нарекуваме реформа, ова е чиста козметичка интервенција врз закон којшто безброј пати досега беше сакатен. Не ми е јасно само на кого му одговараше статус-квото сите овие месеци? Дали на оние што имаа што да изгубат ако правдата навистина проработи? Можеби им одговараше на некои поранешни или актуелни функционери, на носители на високи функции кои што со години го злоупотребуваат буџетот и јавните ресурси, но сигурно не беше од јавен интерес“, изјави Зајкова.
Според неа, ова статус-кво им одговара само на оние кои знаат дека со вистински Кривичен законик би се соочиле со реална кривична одговорност. Секој изминат месец со скратени рокови на застареност, значи само уште еден спасен предмет.
„Мене стварно не ми е јасно од што се плашите? Ако чесно и одговорно ги вршите функциите во име на граѓаните, како што говорите, зошто се плашите сите од поголеми рокови за застареност? Со измените кои што сте ги предложиле, можеби личи нешто драстично покачена казната, меѓутоа поставувате повторно многу ниски максимални казни за клучните кривични дела, што повторно дава можност за застареност. Во институтот на застареност воопшто и не се интервенира“, рече Зајкова.
Во репликата Љупчо Пренчов од ВМРО-ДПМНЕ не зборуваше за она што го кажуваше Зајкова, туку за кворумот за претходните измени на Кривичниот законик кој го обезбеди неговата партија, а тој за тоа ја обвини ЛДП.
„Не поддржувам неточна манипулација од оваа говорница, и не поддржувам играње на кратка памет. Вие не сте гласале, кажавте индиректно. Да, точно е тоа, вие не гласавте за кривичниот, не гласаше и Бобан Мојсоски, не гласаше и Маја Морачанин, не гласаше и Ненад Коциќ од СДС. Но сите вие колешке Зајкова, седевте и правевте кворум додека се правеше криминалот нарачен промена на кривичен“, истакна Пренџов.
„Сите вие заедно со Алијанса на Таравари ли беше на Села ли беше, којшто требаше деклативно беа опозиција, седеа овдека и тие беа во играта да прават кворум, за да се изгласа овој закон и да се направи правна дисторзија во македонскиот правосуден систем, почитувана колешке Зајкова“, рече Пренџов.
Тој посочи дека народот правилно ги проценил тие постапки и затоа ги казнил и ги испратил во опозиција, и дека правдата на крај ќе ги стигне сите инволвирани во криминал.