ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат меѓусебно за Вардариште

Заев, Шукова и СДС, уште во 2020 година ветуваа решавање на Вардариште, кое беше дел од програмата на работата на тогашната власт. Во програмата насловена како „Можеме’’ за парламентарните избори во 2020 година, СДС, Заев и Шукова ветија итна ремидијација на Вардариште, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Тој рече:
„На страна 228, од истоимената програма СДС, Заев и Шукова, ветуваа цитирам ‘Ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја’. А подолу во програмата на истата страна се вели и дека проектот е со финансиско портфолио од 42 милиони евра.
Зошто ги лажеа граѓаните на Скопје дека ќе го решат проблемот со Вардариште, а сега Шукова како кандидат за градоначалник од редовите на СДС за Град Скопје, повторно го ветува истото?“, рече Манасиевски.
Во одговорот на СДСМ стои дека ВМРО-ДПМНЕ повторно манипулира со фактите во обид да ја префрли одговорноста за нерешените еколошки проблеми во Скопје.
„Во 2021 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Скопје, тие не ја прифатија понудената помош од владата на СДСМ за решавање на проблемите со отпадот, ниту за Вардариште, ниту за Дрисла.
Отпадот е локална надлежност и обврска на градоначалникот и општината, а не на државен секретар или министер. ВМРО-ДПМНЕ, како носители на локалната власт, имаа целосна одговорност за решавање на овие проблеми.
ВМРО-ДПМНЕ може да се обратат и кај нивниот коалиционен партнер Изет Меџити, кој може да им објасни, или кај Орце Ѓорѓиевски, како претседател на ЗЕЛС и градоначалник веќе четири години. Па дури и нивната Данела Арсовска може да ги советува“, се вели во соопштението на СДСМ.