ВМРО-ДПМНЕ и официјално ја почна операцијата „Референдум“


 

Со поднесувањето на иницијативата за собирање потписи за референдум во Собранието ВМРО-ДПМНЕ денеска и официјално ја почна оваа политичка операција која треба да доведе до изјаснување на граѓаните за поништување на Договорот со Бугарија.

„Се надевам дека претседателот на Собранието нема да користи некои негови познати методи и дека уредноста на иницијативата ќе биде утврдена и истата ќе почне со процедура во Собрание онака како што налага и Деловникот за работа и како што налага и Законот за референдум и други видови на граѓанско изјаснување“, рече кооординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој додаде дека се надева оти ќе има уште „национално освестени пратенции“ коишто ќе дадат поддршка на иницијативата, затоа што, додаде Мицевски, доколку оваа иницијатива е неуредна поминува на пленарна седница на која што треба да се изјаснат пратениците за уредноста или неуредноста.

Според него, 650 потписи биле собрани за половина час. Специфично, Мицевски пред новинарите државата ја нарече „Република Северна Македонија“.