ВМРО-ДПМНЕ го нарече Извештајот на ЕУ – „извештајче“
Според владејачката партија, извештајот за напредокот бил метод за политички условувања и притисок. Но, сепак, бил „одличен“
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение призна дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е лош и него го оквалификува како метод на притисок. А во исто време тврди дека е „реален“.
Во едно конфузно соопштение, ВМРО-ДПМНЕ вели дека дека „извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата“. Но, сепак, партијата вели дека тој бил „одличен“ затоа што поттикнувал на реформи.
Соопштението на партијата на одреден начин изгледа како реакција на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој го кажа она што вчера го зборуваа претставниците на ЕУ во Брисел – дека Македонија назадува и сега е во групата со Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Молдавија и Украина веќе се во погорната крупа заедно со Црна Гора и Албанија.
Еве детали од ова уникатно соопштение:
„Филипче продолжува да го игра бугарското сценарио за Македонија, да ја понижува сопствената држава, притоа заборавајќи дека тој и неговиот струмички ментор е виновникот заради чие предавство и прифаќање на штетен договор сега сме предмет на уцена и притисок.
Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат сѐ додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, сметаме дека извештајот е одличен и нѐ охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина. Истовремено очекуваме овие теми да се разговараат во иднина, исто така и Филипче како притиснат на дугме да продолжи да крева паники, затоа што човекот едноставно е заложник и киднапиран и ние тука ништо не можеме.
Ние благодариме за извештајот. Сметаме дека е реален, има многу работи кои се заостанати и резултат на проблемите кои ги наследивме, но ќе работиме посветено на реформите и неопходните чекори за просперитет и добробит на земјата и нашите граѓани. Наша цел е членство во ЕУ. А ние ќе бидеме спремни за тоа, кога ЕУ ќе биде спремна да нѐ прими. Во однос на Бугарите имаме јасен став и тој став знаеме дека ни носи проблеми и недоразбирања, но тоа е принципиелен став и ние сме подготвени да разговараме за непречен евроинтегративен процес на нашата земја без несвојствени и непринципиелни барања“.
Владата досега не даде оценка за извештајот. Имаше само неколку забелешки од средбата на европскиот амбасадор Михалис Рокас околу предавањето на извештајот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Тој ѝ порачал на Сиљановска дека сегашниот момент е најдобар за храбри и одлучни чекори во реформите, заради отворено изразената волја на лидерите на ЕУ за поддршка и помош на македонската евроинтеграција.
Сиљановска се согласила дека нема прогрес во владеењето на правото.
„Соговорниците констатираа недостаток на прогрес во владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и судството, истакнувајќи ја потребата од максимални напори за реформи во овие области. Беа поздравени позитивните резултати во рамките на Планот за раст, реформата на јавната администрација, како и успесите во кластерите 3,4,5 и 6“, наведуваат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа имала забелешки на дел од констатациите во извештајот кои се однесуваат на првиот кластер „Фундаментални вредности“ и повторно зборувала напредокот да биде оценуван според Копенхашките критериуми. (Н.В.)