ВМРО-ДПМНЕ го нападна и директорот на Македонски телеком


Фото: Б. Грданоски

 

Главната опоцизициска партија денеса го посочи прстот кон Никола Љушев, главниот извршен директор на Македонски телеком, обвинувајќи го дека неговата сопруга направила кариера во истата компанија. Објавувајќи наводна „афера“ на директорот на телекомуникациската компанија каде мнозинството од акциите од 51 ги има Дојче телеком (и го носи заштитниот бренд) ВМРО-ДПМНЕ како да сака малку да го сврти вниманието од отровната Фејсбук преписка меѓу сегашниот и поранешниот претседател на партијата.

ВМРО-ДПМНЕ, преку партискиот портпарол Наум Стоилковски, објави дека Никола Љушев земал плата од 11.500 евра месечно и поради непотизмот на СДСМ неговата сопруга експресно напредувала во германската компанија. Државата има акции во висина од 34,81 отсто.

„Како што не е тајна блискоста на сега милионерот Љушев со Ковачевски, не е тајна и скандалот со вработувањето и ѕвездената кариера на неговата сопруга во истата компанија.

Милионерот Љушев веројатно во економска криза малку му се 11.500 евра месечно па ја вработува сопругата како секторски директор во Телеком.

Во секоја голема, нормална европска фирма, особено каде што државата има удел, и каде што се вреднуваат европските норми и би се избегнувале корупциските и непотистички зафати, ова би било скандал со огромни размери коишто би довеле до оставки и повлекување од морални причини“, рече Стоилковски.