ВМРО-ДПМНЕ го бојкотира и Жан Моне, не биле прашани за датумот на состанокот

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и претставници на пратеничката група на партијата нема да присуствуваат на денешната средба на Работната група на Жан Моне процесот поради тоа што тие не биле консултирани за денот и тајмингот за одржување на состанокот и поради претходно закажани обврски. Мицевски за МИА изјави дека процес на носење нов Деловник без ВМРО-ДПМНЕ не е кредибилен процес.
– Очигледно продолжението на Жан Моне е поради лошиот Извештај на ЕК за делот за Собрание. Она што денеска се случува е потврда за тоа. Состанокот се случува без консултации со опозоцијата и на него ќе присуствуваат само претставници на власта. Процес на носење на нов Деловник без ВМРО-ДПМНЕ не е кредибилен процес, истакна Мицевски.
Пратениците од опозициската партија, според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, очекуваат дека владејачкото мнозинство и претседателот на Собранието ќе го почитуваат и постоечкиот Деловник што, за жал, не се случува.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за денеска свика состанок на Работната група за учество на Дијалогот Жан Моне. Членови на групата се претставници и координатори на пратеничките групи а главно се дискутира за промена или за нов Деловник за работа на Собранието. Процесот започна пред неколку години со посредство на европратеници.
Од кабинетот на Џафери соопштија декана втори ноември ја закажал оваа средба и дека претходната била одложена на барање на ВМРО-ДПМНЕ.Според Џафери, интенцијата е да се има консензуално решение за Деловник. Гледаме, рече тој, дека имаме попречување на работата на Собранието. Тој кажа дека поддршката од ЕП преку европратениците е да се изнајде консензуално решение.
На денешната средба на Работната група учествуваа сите претставници на сите пратенички групи освен на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и советниците професорите Владо Поповски и Јетон Шаќири.