ВМРО-ДПМНЕ ги нарече веледрогериите „мафија на смртта“


Фото: Б. Грданоски

 

Целата вина за големиот проблем што се создаде на Клиниката за онкологија со биолошката терапија на критично заболените од рак, ВМРО-ДПМНЕ ја префрли врз веледрогериите, посебно нагласувајќи ја „Пановски“. Партијата нив ги нарече „мафија на смртта“ во денешното соопштение и обвини дека „Пановски“ го донесла здравството пред колапс вештачки создавајќи криза со лековите. Притоа се посочува дека за три години „Пановски “ зела 35 милиони евра тендери само од Онкологија, без да каже дека и покрај тоа што клиниката сега е под нивна контрола – пред една недела и доделиле два тендера од над 4 милиони евра! 

Деновиве сме сведоци на вештачки искреирана криза на Онкологија токму од главното протеже на таа мафија, кој е во блиски релации со Венко Филипче.

„Една иста мафија на смртта тргува со животите на најтешко болните пациенти, лица заболени од рак и од тоа прави бизнис и дебело профитира. А, од друга страна истите веледрогерии кои ги набават лековите, континуирано добивале и добиваат заштита од политички структури блиски до СДС и ДУИ.

Проблемот со недостаток на терапија за тешко болните пациенти од рак на Клиниката за онкологија не нешто ново и нешто што се случува само сега. Првите два до три месеци во секоја година до сега има недостаток на онколошка терапија, а секоја година една иста веледрогерија набавува лекови по енормно високи цени“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава:

Мафијата на смртта, на чие чело е една иста веледрогерија и помогната и заштитена од политички структури блиски до СДС и ДУИ, за која човечкиот живот не вреди ништо, 30 години ровари во Онкологија и е виновна за смртта на голем број починати пациенти кои навреме не го добиле соодветниот лек.

Го поставуваме прашањето, дали е точно дека веледрогеријата ‘Пановски’, блиска до СДС, го уценува со цени македонското здравство? А оваа е истата веледрогерија од каде што Ирина Пановска како директор на една од клиниките при клиничкиот центар во Скопје во време кога министер за здравство беше нивниот близок, Венко Филипче, набавуваше лекови од веледрогеријава каде што татко и, исто така, бил директор“.

ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство да се охрабри за спроведување сеопфатна истрага со цел расчистување и „изведување пред лицето на правдата на големите бизнис олигарси кои раководат со мафијата на смртта“.